Зивчевиќ: Останавме лојални на Куманово, состојбата ќе се стабилизира

Кошаркарите на Куманово покажаа фантастичен карактер, собирајќи сила за да триумфираат на синоќешниот дуел со Феникс со 103-98 и покрај големите проблеми со кои се соочија во изминатиот период. Големите долгови на управата кон играчкиот кадар беа причина за штрајк во таборот на кумановци, но кога беше најважно играчите излегоа на терен и со квалитетно издание стигнаа до втората овосезонска победа.

Во главна улога беше искусниот Ненад Зивчевиќ, кој погоди пет тројки за вкупно 24 поени, надополнети со осум скока и две асистенции.

„Самото излегување на терен е доволна мотивација за нас играчите. Знаеме дека навивачите кои доаѓаат да ни дадат поддршка воопшто не ја интересира дали сме платени и колку ни се должи, сакаат да го покажеме најдоброто што го можеме и ние го сторивме токму тоа. Проблемите на клубот се добро познати, но сите ние кои останавме покажавме лојалност кон КК Куманово. Знаеме од каде доаѓа приливот на средства во клубот и знаеме во кој период од годината се наплаќа тој ваучер, така што очекуваме во следниот период се ќе си дојде на свое место“, вели Зивчевиќ.

Што се однесува до самиот натпревар, кумановци можат да бидат задоволни од нападот и троцифрениот број постигнати поени, но затоа се соочуваат со проблем во одбраната.

„Се обидовме да играме брзо бидејќи настапивме со Глигоријевиќ на центарската позиција и јас како „лажна четворка“. Тоа го потврдува и самиот резултат,можеби ваквиот стил на игра повеќе му одговараше на противникот, но ние добро се снајдовме и заслужено победивме. Сигурно дека ќе мора да поработиме на одбраната и да не дозволивме толкав број на постигнати поени на противниците, особено кога играме на домашен терен“, истакнува Ненад Зивчевиќ.

Серијата порази конечно е прекината, но „сино-белите“ се свесни дека за влегувањево победнички ритам ќе биде неопходно да се засили и играчкиот кадар.

„Целите што се зацртани секогаш треба да бидат складни на реалната ситуација. Слободно можеме да „се палиме“ дека ќе напаѓаме место во Топ 6, но реалноста едека ние имаме две победи досега и сме далеку од таа борба. Сепак, ако се донесат квалитетни засилувања, зошто да не се случи и тоа. Минатата сезона кога дојдов во Куманово шансите за Топ 6 беа минимални, но на крајот со неколку победи по ред и со квалитетни странци ја остваривме целта“, изјави најискусниот во таборот на Куманово.

Се вчитува...