Зивчевиќ се закити со бронза во Купот на Египет

Ненад Зивчевиќ е најзаслужниот што екипата на Спортинг Александрија го овои бронзениот медал во Купот на Египет. Во „малото финале“ Спортинг се сретна со Итихад и триумфираше со 81-75, а најзаслужен беше токму поранешниот ас на МЗТ Скопје и на Работнички, кој постигна 27 поени, надополнети со четири скока, две асистенции и две украдени топки.

Зивчевиќ пред нешто повеќе од два месеци се здоби со тешка повреда, шест седмици беше надвор од терените, но се врати во голем стил, помагајќи му на својот клуб да стигне до третото место.

„Многу важно беше што ги оставив проблемите со повредата зад себе и одиграв онака како што посакував, во ритам како пред да се повредам. Третото место во Купот на Египет е голем успех за Спортинг, што ја крева самодовербата во нашите редови пред почетокот на плејофот“ – истакнува Зивчевиќ.

Спортинг го заврши регуларниот дел од сезоната во Египет на шестото место, а во плејофот ќе се сретне со Замалек, еден од главните конкуренти за шампионската титула.

Се вчитува...