Златан: Јасно е што му недостига на Милан…

Златан Ибрахимовиќ го немаше посакуваниот „камбек од соништата“ во дресот на Милан, откако „росонерите“ одиграа само 0-0 против екипата на Сампдорија. Швеѓанецот влезе во игра во вториот дел на местото на Пјонтек, но не успеа да остави свој печат на мечот со гол на својот прв натпревар во црвено-црниот дрес по мај 2012.

„Можев да ја почувствувам страста на навивачите, со кои се уште имам фантастичен однос. Тие ме мотивираат, бев преполн со емоции, се што сакав беше да истрчам на теренот, да дадам гол и да го прославам како Бог пред трибината со најверните фанови на Милан. За жал, тоа не се случи“ – истакна Ибрахимовиќ.

Според ветеранот, проблемот со кој се соочува неговиот тим е сосема очигледен.

„Недостаток на верба, тоа е она што му недостига на Милан. Веднаш се гледа дека екипата ја нема неопходната самодоверба, ниту пак агресивноста кон противничкиот гол за да постигнува повеќе погодоци. Нервозата е очигледна, треба да се разбере што треба да се направи за повторно да се игра како што посакуваат навивачите. Јас сум овде само четири дена, но ветувам дека ќе сторам се за Милан што поскоро да влезе во посакуваната форма“ – изјави Златан Ибрахимовиќ.

Се вчитува...