Златен медал за Бундалески на меѓународниот турнир во мечување во Осиек

Еден од најдобрите македонски мечувалци Огнен Бундалески постигна голем успех на меѓународниот турнир во Осиек, Хрватска освојувајќи го златниот медал во сениорска конкуренција.

На овој престижен турнир настапија 450 мечувалци од 18 европски држави. Претходните две години Бундалески во Осиек беше победник во кадетска конкуреција, но овојпат, откако наполни 18 години настапи како сениор и во финалето го совлада противникот од Унгарија, еден од најдобрите во Европа.

Покрај златниот медал на Бундалески, мечувалците од Македонија освоија уште три медали. Во јуниорска конкуренција со сребрен медал се закити Петар Дамјаноски кој не можеше да настапи во финалниот меч поради повреда. Инаку минатата година на градите го имаше златниот медал. Двата  бронзени медали ги освоија  јуниорот Матеј Тодоровски и  сениорката Неда Коцевска.

На турнирот солиден успех постигна и Петар Србиновски во категорија на помлади сениори, за влакно му избега бронзен медал. За него овој турнир беше добра подготовка бидејќи идниот викенд ќе настапи на Европското првенство во негова категорија во Калјари, Италија.

Инаку во јуни најдобрите мечувалци од Македонија ќе учествуваат на Европското сениорско првенство во Франција.

Селекторот на македонските мечувалци, Билјана Кузмановска не го криеше задоволството од постигнатиот успех на нашите натпреварувачи, со надеж дека ќе бидат уште поуспешни на следните турнири и европските првенства.

М.М.

Се вчитува...