Златибор е во финалето на АБА2, џиновска услуга и за МЗТ Скопје

Златибор е првиот финалист на завршниот турнир од АБА2 лигата во Скопје, откако српскиот претставник го декласираше фаворизираниот состав на Борац Бања Лука со резултат 98-83. Ова е одличен исход и за МЗТ Скопје, бидејќи Србија не може да има директен шести претставник во АБА1, па доколку МЗТ вечерва слави во своето полуфинале против Широки Бријег, „металците“ со самиот пласман во финалето ќе обезбедат влез во елитата.

Златибор беше подобар тим од самиот почеток, отвори со четири поени во серија, а Борац Бања Лука имаше само две водства во првата четвртина (10-8 и 19-18). Српскиот состав сепак беше нешто посконцентриран во завршницата на четвртината, го доби првиот период со 28-23, а потоа предводен од одличниот плејмејкер Немања Протиќ стигна и до првото двоцифрено водство на мечот (37-27). Шутот за момент престана да ги служи кошаркарите на Златибор, а Борац знаеше како да го искористи тоа, избраниците на тренерот Николиќ почнаа со побрза игра и до крајот на полувремето ја намалија негативата на само „минус два“ (43-41).

Паузата меѓу двете полувремиња беше добредојдена за тренерот на Златибор, кој успеа да ја консолидира играта на својот тим, српскиот состав го контролираше резултатот и во текот на третата четвртина, а со прецизните удари од далечина во последните десет минути влезе со убедливи 59-67. Тоа беше почеток на крајот за Борац, бидејќи Златибор влезе во шутерски ритам, се полесно го наоѓаше патот до противничкиот кош и во 34. минута поведе со преубедливи 19 поени разлика (81-62). Српските кошаркари знаеја како да ја завршат средбата без да му дозволат на противникот да се приближи, триумфирајќи со конечни 98-83 за пласман во големото финале што на програта е в недела.

Капитенот Кутлешиќ беше најдобар поединец во победничкиот тим со 30 поени, Џуран погоди шест тројки за вкупно 21 поен, додека Николиќ го заврши мечот со 20 поени и 9 скокови.

Се вчитува...