Златибор го преживеа аеродромскиот пекол: Со гранитна одбрана до трофеј по продолжение

Златибор е овогодишниот освојувач на трофејот во АБА2 првенството откако во финалето го совлада МЗТ Скопје со 73-78 по дополнителни пет минути. Аеродромци кои потфрлија во првото полувреме, на крилја на одличната атмосфера успеаја да се вратат во игра во вторите 30. минути, имаа и шут за победа, но Мекиќ промаши зицер, а српскиот состав благодарение на гранитната одбрана која дозовли само еден поен во продолжението стина до трофејот.

Отварањето на натпреварот му припадна на Златибор кој одигра одлично во одбраната каде го спречи протокот на топката на МЗТ Скопје, а одговори со добра игра и во нападот каде „пик“ ситуациите носеа отворени обиди за водство од 2-10. Тајм-аутот на Петровиќ само на момент ги консолидираше редовите на македонскиот состав, но продолжи грчот во нападот каде изгубените топки и лошата реализација скапо го чинеа „сино-белиот“ состав. Покрај тоа аеродромци потфрлија во скок играта, а покрај поените од втора шанса, српскиот состав го служеше и шутот за три поени каде погоди 4 од 9 обиди, па по 10. минути игра на семафорот стоеше голема преднoст од 11-31. МЗТ Скопје успеа да ја пробие зонската одбрана на противникот на отварањето на втората четвтина па преку Војдан Стојановски намали на 16-31, но по тајм-аутот на Недовиќ на сцена настапи Протиќ. Поранешниот „штрк“ лесно креираше предност која завршуваше со лесни поени за Златибор па српскиот состав продолжи да ја контролира играта. Сепак крајот на првото полувреме му припадна на МЗТ Скопје кој благодарение на агресивната одбрана го наруши напаѓачкиот ритам на гостите, а стигна и до лесни поени во транзиција па намали на 36-50.

Агресивната одбрана над бековската линија на Златибор продолжи да ги анулира лесните поени на српскиот тим на почетокот на второто полувреме, но и покрај тоа што МЗТ Скопје заигра подобро во нападот, продолжи да се мачи во реализацијата. Предност за аеродромци во овој дел беа поените од втора шанса, но „сино-белите“ пропуштија отворени обиди за рано сведување на негативата на едноцифрена. Како што одминуваше четвртината, така падна и реализацијата на српскиот состав, а казната стигна од Николов кој од линијата за слободни фрлања донесе 52-60 пред одличувачките десет минути. Во нив рецептот „агресивна одбрана“ продолжи да создава преднсот за аеродромци кои промашените обиди ги искористија со реализација зад линијата 6,75 па стигнаа и до целосен камбек (63-62) за ерупција во „Јане Сандански“. Добриот ритам на МЗТ Скопје продолжи за предност од 70-66, но и противникот ја зголеми агресивноста во одбраната па стигна до лесни поени и не доволи „одлепување“ на „сино-белите“. Изедначениот натпревар продолжи до последните секунди, а истиот имаше шанса да го реши Адем Мекиќ, но бекот промаши чист зицер за победа.

Во дополнителните пет минути Златибор со одличната игра во одбраната целосно го сопре нападот на МЗТ Скопје, дозволи само еден поен за речиси пет минути за водство од 73-77 и сосема заслужено стигна до пехарот во АБА2 лигата.

Војдан Стојановски со 14 поени и 8 скока беше лидер на МЗТ Скопје, додека со по 12 поени него го следеа Дејвис, Мекиќ и Николов, на кои првите двајца додадоа и по 11 скока. Кутлешиќ беше енигма за аеродромци со 33 поени, 10 скока и 4 украдени топки.

Се вчитува...