Зоре Темелковски: Криминални умови во спортот, сега се е појасно…

Скандалот со земјиштето на и околу салата Кале дополнително ја „тресе“ домашната јавност, уште повеќе ако се знае дека Даниел Димевски станал сопственик на тие парцели додека ја извршувал функцијата советник за спорт на тогашниот премиер Зоран Заев. Клопчето дополнително ќе се одвртува, по Антикорупциската комисија се очекува да реагираат и останатите засегнати државни институции, а во меѓувреме својот став за целата ситуација го искажа поранешниот претседател на КФМ, Зоре Темелковски.

Да бидам искрен, јас сум згрозен од она што го прочитав на вашиот портал. Не сакам да поверувам дека може да постојат такви криминални умови во спортот, кои на ваков начин ќе ги злоупотребуваат своите политички функции. Спортот мора да биде користен за пренесување на позитивни вредности и пораки, а не за криминали и нечие бесправно богатење. Како што реков, не сакам да верувам дека вакво нешто е возможно, но би сакал и обвинителството што поскоро да се позанимава со случајот и да се објасни вистината“, истакнува Темелковски.

Воедно, тој гласно прашува дали првичното пренесување на салата Кале за раководење од страна на КФСМ е само „фасада“ за целиот бизнис-план.

„Кога се водеше кампањата за смена на Петар Наумоски, токму Даниел Димевски беше главен промотор на кампањата на Перо Антиќ. Рамо до рамо со него беше и Градоначалникот на Центар, Саша Богдановиќ, па сега логично е да се постави прашањето, дали цела оваа спрега за поставување на Антиќ беше наместена само за да може да се изреализира проектот што сега се обелоденува. Сега се е многу појасно, зошто се активираше цела таа машинерија за Антиќ да стане претседател, кампања според ова што го гледаме немала врска со спорт и кошарка“, вели Темелковски.

Се вчитува...