Зошто Алисон е двојно поскап од Куртоа?

Ливерпул во следните неколку дена ќе го официјалицира трансферот на Алисон Бекер, откако Рома ја прифати понудата од огромни 75 милиони евра со што бразилскиот репрезентативец ќе стане најскап голман во фудбалската историја. Останува само уште да се утврдат деталите околу начинот на исплата на оваа рекордна сума, а во меѓувреме и самиот Алисон ги договори личните услови, согласувајќи се на петгодишен договор за 5,5 милиони евра по сезона, плус бонуси за секој освоен трофеј.

Во истиот период до големо голманско засилување ќе стигне и Реал Мадрид со потписот на Тибо Куртоа, а интересно е што „кралевите“ за најдобриот голман на последниот Мундијал ќе платат двојно помалку пари од сумата што Ливерпул ќе ја плати за Алисон. Причината е едноставна – Куртоа има само уште една година од актуелниот договор, па Челси не може да бара богатство за неговиот ангажман. Згора на тоа, Белгиецот има децидна желба да замине во Мадрид од семејни причини, па цената не може да се „билда“ со интерес од други клубови.

Ливерпул лани за само 42 милиони евра го донесе од Рома египетскиот ас Мохамед Салах, а „волчицата“ овојпат планира многу подобро да наплати трансфер на „Енфилд“, па затоа и досега одбиваше неколку понуди од „црвените“ се до оваа денешната – од 75 милиони евра што беше премногу добра за да биде одбиена.

Ливерпул со овој трансфер ќе ја надмине сумата од 160 милиони евра потрошена во летниот преоден рок, откако претходно беа потпишани и Наби Кеита од Лајпциг, Фабињо од Монако и Џердан Шаќири од Стоук, а се очекува во следниот период повторно да бидат обновени преговорите со Лион за ангажман на Набил Фекир.

Се вчитува...