Зошто Гризман замина од Барселона? До крајот на договорот му следело богатство…

Антоан Гризман пристигна до редовите на Барселона како огромно засилување од Атлетико Мадрид во трансфер вреден 120 милиони евра, но по само две сезони францускиот репрезентативец замина од „Камп Ноу“ за само 40 милиони евра.

По објавувањето на трансферот кој го врати Гризман назад во Мадрид, Барселона беше оптужена за лоша работа, но сега медиумот Спорт објави детални информации за заработката на 30-годишникот со кој станува јасно зошто каталонците кои се соочуваат со огромни финансиски проблеми дозволија Французинот да замине.

Имено, во последните две сезони Гриман во Барселона заработи 46.5 милиони евра, а договорот му носел уште најмалку 60 милиони евра. Според договорот неговата почетна годишна плата изнесува 17 милиони евра и секоја година се зголемува за еден милион евра. Тоа значи дека во сезоната 2023/24 истата ќе изнесувала 21 милион евра.

Покрај основната плата, Гризман има и дополнителни бонуси. Со самото потпишување на договорот добил уште пет милиони евра, а во секоја сезона со најмалку 60 отсто одиграни натпревари добива уште 2.5 милиони евра. Пласман во осминафиналето од ЛШ на Французинот му носел уште пола милион евра, а секоја наредна фаза во натпреварувањето дополнителен милион евра. За освојување на Ла Лига му следеле 1.5 милион евра, а за евентуално освојување на тројна круна 4 милиони евра.

Согласно со тоа во преостанатите три сезони на Гризман му биле загарантирани 60 милиони евра, а максималниот износ кој можел да го заработи до крајот на договорот е 114.5 милиони евра.

Се вчитува...