„Зошто ПСЖ инсистира Кавани да остане, а го пуштаат да игра шест минути?“

Уругвајскиот интернационалец Единсон Кавани официјално побара од раководството на Пари Сен Жермен да му дозволи да замине од „Паркот на принцовите“ во овој зимски преоден рок. Но, „светците“ не сакаат така лесно да се откажат од него, бараат 20 милиони евра отштета иако неговиот договор со клубот завршува во јуни. Атлетико Мадрид смета дека тоа се многу пари за да го добие одличниот голгетер половина сезона порано, а во играта се и англиските премиерлигаши Челси и Манчестер Јунајтед.

Таткото на Кавани јавно праша зошто ПСЖ си поигрува со неговиот син.

„Некои работи навистина не ми се јасни. Како ПСЖ да сака да си поигрува со мојот син и покрај се што даде за клубот. Зошто толку инсистираат да остане кога го пуштаат да игра по шест минути?“ – праша Луис Кавани.

Единсон Кавани од 2013 година го носи дресот на Пари Сен Жермен, одигра 195 натпревари и постигна 136 гола во дресот на клубот.

Се вчитува...