Зверев осигура полуфинале на Ролан Гарос

Александар Зверев е третиот полуфиналист на машкиот дел од турнирот на Ролан Гарос откако германскиот тенисер славеше на денешниот дуел со Ечевери со 3-1 во сетови.

Аргентинскиот тенисер моментно е 49. тенисер на АТП-листата, но изненади со серијата одлични игри на Ролан Гарос, каде ги доби првите четири меча без ниту еден загубен сет. Тоа придонесе Ечевери полн со самодоверба да влезе и во дуелот со Зверев, но германскиот тенисер покажа и квалитет и искуство за да не дозволи изненадување во ова четвртфинале.

Зверев го доби првиот сет со 6-4, но Ечевери возврати израмнувајќи на 1-1 по добиениот втор сет со 3-6. Аргентинецот дури и стигна до брејк и водство од 0-2 во третиот сет, но Зверев се разбуди во вистински момент, направи серија од пет гејма во низа и го доби сетот со 6-3.

Александар Зверев потоа спаси две брејк топки при 2-2 во четвртиот сет, користејќи ја својата прва шанса на спротивната страна, за конечна победа од 6-4 на патот до ново полуфинале во Париз. Таму германскиот ас ќе се сретне со подобриот од дуелот Руд – Руне што на програмата е вечерва.

Се вчитува...