Француските репрезентативци сакаа да имаат слободен ден во Мајами пред натпреварот за третото место на Светското првенство 2026, но Дидие Дешамп го одбил нивното барање.
Франција ќе игра против Англија денеска во 23 часот, а тоа ќе биде и последниот натпревар на 57-годишниот тренер на клупата на националниот тим.
Како што пишува „Л’Екип“, повеќето играчи побарале да имаат слободен ден по пристигнувањето во Флорида за да се релаксираат и да направат кратка пауза од фудбалот по поразот од Шпанија во полуфиналето. Тие исто така преговарале за компромисно решение според кое ќе мора да се вратат во хотелот до полноќ, но Дешамп не попуштил.
Тој не сака да си замине со два едноподруго порази
Францускиот селектор верува дека неговиот тим има уште еден натпревар за победа. Тој не сака неговите 14 години на француската клупа да завршат со два едноподруго порази против Шпанија и Англија, па затоа решил да го задржи вообичаениот режим на подготовка.
Дешамп веќе им даде на играчите два дена одмор за време на ова Светско првенство, што не беше негова вообичаена практика претходно. Французите потоа можеа да поминат време со своите семејства, но по поразот во полуфиналето, тренерот не сакаше дополнително опуштање пред последниот натпревар од турнирот.
Дешамп: Ова не е пријателски натпревар
Пред натпреварот, Дешамп призна дека ниту Французите ниту Англичаните не сакале да играат за бронза, но нагласи дека неговиот тим мора да се однесува професионално.
„Ова не е пријателски натпревар. Ова е натпревар за третото место. Имаме обврска да ја постигнеме таа последна цел“, рече селекторот на прес-конференција во Мајами.
Тој најави промени во почетниот состав поради замор, повреди и физичка состојба на одредени играчи, притоа не потврдувајќи дали капитенот Килијан Мбапе, кој се натпреварува со Лионел Меси за Златната копачка на Светското првенство, ќе игра од првата минута. Двајцата постигнаа по осум гола.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
