Аријан Адеми: Потврдено е дека сум невин, ќе се вратам посилен од било кога!

Македонскиот репрезентативец Аријан Адеми се огласи за првпат по вчерашната одлука на Арбитражниот суд во Лозана со која неговата четиригодишна суспензија од УЕФА е намалена на две години. Со тоа, Адеми на фудбалските терени ќе може да се врати од октомври оваа година.

Со оваа одлука од Лозана потврдена е невиноста на македонскиот фудбалер, иако како што вели и самиот Адеми очекувал и поголемо намалување на казната затоа што сите докази укажуваа на тоа дека воопшто не е преварант кој користи недозволени средства.

„Се надевав дека казната ќе биде уште повеќе намалена, но како и да е тоа што е најважено е дека ЦАС со својата одлука потврди, а тоа го пишува и во образложението, дека не сум преварант и дека не сум земал намерно недозволени средства. Од денеска ги почнувам подготовките за мое враќање на терените. Сите кои ме знаат сигурни се дека ќе се вратам посилен од било кога. Бидете сигурни дека повторно ќе играм фудбал на највисоко можно ниво“ – вели Адеми во изјава за хрватски „Спортске новости“ со, како што пренесуваат Хрватите, измешани позитивни и негативни чувства.

Но, најважно е дека докажа пред УЕФА и пред сите кои не веруваа во него дека никогаш не користел свесно недозволени средства.

Се вчитува...