Борко Ристовски: Ако дадеме максимум може да направиме голем резултат

Машката ракометна репрезентација на Македонија ги одработува завршните подготовките пред настапот на ЕП во Хрватска кое стартува на 12 јануари. Пред одморот за Божик, македонските ракометари во Белград одиграа два контролни натпревари и забележа две победи против Саудиска Арабија и против Србија, а од денеска повторно се во полн погон на тренинзите во Скопје.

Според првиот голман на македонската репрезентација, Борко Ристовски, овие две проверки пред ЕП треба да бидат само надополнување на целокупната работа.

„Тој натпревар со Саудиска Арабија да го тргнеме на страна, не е репрезентација од самиот врв но, не е ни за потценување. Фокусот многу повеќе е на оној натпревар со Србија. Одигравме добро во нападот, постигнавме многу лесни голови, лесно доаѓавме до шанса за чист шут со тоа што имавме и неколку промашувања. Се надевам дека на ЕП нема да промашиме тоа што го промашувавме на овие контролни натпревари. Се на се , одигравме квалитетен натпревар, меѓутоа има уште многу работи за подобрување, ако сакаме да направиме нешто големо на ова ЕП. Не треба да не залажува победата против Србија. Србија е квалитетна , меѓутоа Србија не е од тие репрезентации со топ квалитет за да го рачунаме ова како сензација. Оваа победа не смее да не наведе да мислиме дека ете, ние кој знае што сме направиле. Знаеме дека кога ќе стигнеме на ЕП, мора да одиграме далеку подобро на целиот турнир. Прво во Загреб, а потоа и во вториот круг во Вараждин, ако сакаме да направиме подобар резултат“ – истакнува Борко Ристовски.

Прв вистински предизвик за Македонија на стартот на ЕП ќе биде дуелот со Словенија на 13 јануари. И покрај сите проблеми со отсуства и повреди на ракометарите со кои се соочува Веселин Вујовиќ, сепак Словенија ја носи улогата на фаворит во овој дуел. Дали Македонија ќе успее да изненади и да се избори за позитивен резултат на стартот, ќе зависи од нас сами.

„Репрезентацијата на Словенија е доста квалитетна без разлика што се појавија информации дека неколку играчи нема да играат, меѓутоа верувајте, дека имаат замени за сите нив. Така што, тоа дали некој е комплетен или не, нас како екипа или како репрезентација не треба ништо да ни менува. Ние одиме да играме Европско првенство, да дадеме се од себе, а кој ќе биде против нас и не треба да ни биде толку важно. Многу поважно е ние нашата работа да ја одработиме како што треба ида дадеме сто проценти од своите можности. Многу е важно секогаш да давате максимум. И по завршувањето на натпреварот да излезете среќни и задоволни. Некогаш ќе победите, некогаш ќе загубите, но за еден спортист секогаше е важно да даде сто проценти. За мене лично тоа е еден правец кон кој треба сите да се стремимне. Треба да се обидеме на секој натпревар да дадеме максумум и да се бориме и со Словенија и со Германија и со Црна Гора, со било која репрезентација, да се надигруваме и зошто да не, да се обидеме да направиме голем резултат“ – вели голманот на македонската репрезентација.

На ЕП во Хрватска, македонската репрезентација ќе игра во групата Ц во Загреб со селекциите на Словенија, Црна Гора и на Германија. Првите три селекции во групата обезбедуваат пласман во втората фаза на шампионатот.

Се вчитува...