Давитков: Фала за поддршката, навистина ни беше потребна

Селекторот на нашата репрезентација Јорданчо Давитков е задоволен од големата победа над Швајцарија, но вели дека средбата беше потешка од очекувањата. Ако нешто го изненади Давитков на оваа средба, тоа беше големиот број на публика, која беше од голем придонес за нашите кошаркари.

„Реално, малку потешко од очекувањата, да бидам искрен, а можеби придонесе тоа што имаше повеќе публика. Играчите можеби беа изненадени од присуството на големиот број на гледачи, па можеби затоа во првиот дел игравме стегнато. Сепак, им благодариме за големата поддршка, навистина ни беше потребна. Што се однесува до самиот меч, одбраната во првиот дел не фукционираше како што треба, не знаевме како да ги спречиме нивните центри, но во второто полувреме веќе ги корегиравме тие работи, тоа се виде на теренот, а и според резулатот“ – изјави Давитков.

Иако е свесен дека националниот тим може да игра уште подобро, селекторот потенцираше дека примарно е да се оствари зацртаната цел – пласман во главните квалификации.

„Сите 11 кои настапија одиграа според планот, можеби не одигравме квалитетен меч како против Словачка, но важно е дека успеавме да го оствариме тоа што ни беше потребно. Искрено, да го имав овој тим во август, можеби немаше да се наоѓаме во оваа ситуација, но тоа е што е. Добро е што се вративме од таму каде што бевме во август, со овие две победи сме еден чекор поблиску до нашата цел, а тоа се главните квалификации. Швајцарија играше добра кошарка, многу цврсти во одбраната, тешко беше да ги пробиеме, но го најдовме „лекот“ во текот на средбата“, истакна селекторот Давитков.

Давитков напомена дека секоја помош од македонските играчи во селекцијата е добредојдена, а особено му се заблагодари на Хендрикс што дојде да игра, и не само што помогна, туку беше главен адут и во оваа победа, како и при триумфот против Словачка.

„Во август разговарав во сите кои ми беа на располагање, додека сум селектор за мене нема отпишан играч, секоја помош е добредојдена. Му се заблагодарувам на Хендрикс што дојде, и одигра максимално, особено во Словачка. Таму одигра феноменално, вечерва против Швајцарија онолку колку што беше потребно“, додаде Давитков.

Се вчитува...