Докузовски: Не можеше потешко, но Работнички нема да се предаде

Работнички немаше среќа на денешниот ждреб во Минхен, каде тимот од „Градски парк“ за противник во првата рунда од Еврокупот на ФИБА го доби рускиот претставник Парма од Перм. „Црвено-белите“ важеа за носители во ждребот, но налетаа на најквалитетниот ривал меѓу неносителите, што ги прави аутсајдери во пресметките со рускиот прволигаш. Парма минатата сезона настапуваше во регионалната ВИТБ-лига каде имаше очаен скор од само една победа и 23 порази, но овој клуб во меѓувреме се засили со неколку квалитетни кошаркари.

„Не можеше да добиеме потежок противник. Свесен сум за нивниот лански скор од ВТБ, но мора да се истакне дека тоа им беше прва сезона и оттогаш се многу подобро организирани, но и посериозно засилени на играчки план. Моите информации од Русија велат дека веќе довеле двајца исклучително квалитетни Американци и еден Летонец, така што сигурно ќе бидат фаворити во дуелите со нас. Како и да е, Работнички сигурно нема да се предаде, ќе настојуваме да одиграме најдобро што знаеме и ќе дадеме се од себе за да го изненадиме рускиот состав, кој е со значително поголем буџет од нашиот. Приоритет во моментов ми е да доведам неколку квалитетни засилувања за да составиме конкурентен ростер не само за овие две средби, туку и за претстојната сезона во домашното првенство“ – истакнува тренерот Марин Докузовски.

Се вчитува...