Европа за Европа…, но Јаневски сака деби триумф со Вардар и во македонскиот шампионат

По извонредниот триумф од 2-0 против Фенербахче во последната квалификациска рунда за Лигата на Европа, фудбалерите на Вардар денеска атакуваат и на првата победа сезона во македонскиот шампионат.

На стадионот во Ѓорче Петров „вардарци“ ќе бидат домаќини на прилепска Победа во натпреварот во кој домашно деби на клупата на најтрофејниот македонски клуб ќе има Чедомир Јаневски.

По триумфот над Фенербахче, Јаневски веднаш даде до знаење дека Вардар не смее поради европските настапи да се опушта и во македонското првенство во кое и сезонава секако се оди на одбрана на титулата.

„Европските настапи ги оставаме на страна, а максимално мора да се фокусираме на натпреварите во Македонија. Ниту еден противник и во македонското првенство не е за потценување, но мора со максимален ангажман да се пристапува на секој дуел. Така ќе биде и против Победа. Ќе одиме секако на првите три бода во новата сезона“ – истакна Јаневски.

Од таборот на Победа, пак, фаворитската улога ја препуштаат на Вардар, но нема да се откажат од желбата за изненадување во Скопје.

„Фаворитската улога му ја препуштаме на Вардар, иако и двете екипи првенството го започнавме со порази. Се надеваме на позитивен резултат бидејќи натпреварот ќе се игра на стадионот во Ѓорче Петров и поради тоа што Вардар најверојатно ќе одмара дел од тимот по победата со Фенербахче а пред реваншот во Истанбул. Атмосферата во нашиот тим е добра, мотивирани сме и во Скопје ќе одиме по поволен резултат. Се надевам дека ќе успеам да се запишам во листата на стрелци и да ја продолжам гол серијата“ – вели офанзивецот на прилепчано Борче Маневски пред денешниот натпревар.

ПМФЛ – 2. КОЛО (денеска, 17 ч.)

Скопје: ВАРДАР – ПОБЕДА

Струмица: АКАДЕМИЈА ПАНДЕВ – СКОПЈЕ

Битола: ПЕЛИСТЕР – РАБОТНИЧКИ

УТРЕ

Скопје: ШКУПИ – ШКЕНДИЈА

ВЧЕРА

РЕНОВА – СИЛЕКС 0-3

Се вчитува...