Фетел: Побрзи сме од Мерцедес, мора тоа да го искористиме

Себастијан Фетел заостанува 34 бода зад Луис Хамилтон во Формула 1 шампионатот, но возачот на Ферари се уште верува дека во последните трки ќе успее да го стигне големиот ривал и да ја направи битката за титулата максимално интересна. Причина за оптимизам му дава големиот напредок на болидот на Ферари, кој според Фетел е најбрз во Ф1 шампионатот во моментов.

„Имаме болид кој може да победи на секоја патека. Побрзи сме од Мерцедес, но мораме да го искористиме тоа. Не ни вреди ако го имаме најдобриот болид ако Кими Раиконен не може да стартува, а јас морам да тргнам од последното место. Неопходни ни се перфектни викенди, но јас верувам дека можеме да стигнеме до посакуваните резултати“ – изјави Фетел.

Германецот долго време беше лидер во генералниот пласман, но на претпоследната трка испадна при самиот старт по судирот со Кими Раиконен. Минатиот викенд тој поради проблеми со болидот стартуваше од последната позиција, па успеа да стигне до четвртото место, зголемувајќи го заостанувањето зад Хамилтон.

До крајот на сезоната преостануваат уште пет трки, и тоа во Јапонија, САД, Мексико, Бразил и Абу Даби, каде на 26 ноември ќе биде спуштена завесата во Ф1 шампионатот.

Се вчитува...