Слукас и Панатинаикос го возвратија ударот

Панатинаикос израмни на 1-1 во четвртфиналната серија против Макаби откако грчкиот гигант славеше на вториот меч на домашен терен со убедливи 95-79. „Зелените“ извлекоа поука од последниот пораз од овој ривал, а ослабениот Макаби без повредениот Болдвин немаше сили за нов подвиг во Атина. Костас Слукас, кој беше трагичар на првиот дуел од оваа серија, овојпат ја имаше улогата на херој носејќи ја победата на својот тим со 29 поени, рекордни за грчкиот плејмејкер во неговата евролигашка кариера.

Макаби изненади со одлично издание во нападот во првата четвртина со 20-28. ПАО ги преспа првите десет минути, но затоа втората четвртина мина во апсолутна доминација на избраниците на Атаман, кои предводени од извонредниот Слукас го добија овој период со преубедливи 31-11 и го свртеа резултатот во своја полза. Макаби внесе неизвесност откако ја почна четвртата четвртина со осум поени во низа и намали на само три поени разлика (71-68). Сепак, тајмаутот на Атаман вроди со плод, Панатинаикос ја врати сигурноста во своите напади и рутински го приведе мечот до крај, триумфирајќи со конечни 95-79.

Покрај Слукас и неговите 29 поени, најзаслужни за овој триумф на грчкиот гигант беа Папапетру со 15 и Митоглу со 14 поени. Браун со 18 поени беше најефикасен во Макаби, но американскиот плејмејкер ги одигра катастрофално последните шест минути од овој меч, уништувајќи ги сите шанси за камбек на својот тим.

Следните две средби од оваа четвртфинална серија ќе се играат во Белград, каде Макаби ги игра своите домашни натпревари поради воениот конфликт на Израел.

Се вчитува...