Басконија повторно настрада во Мадрид, Реал е со една нога на фајналфор

Реал Мадрид е на еден чекор до обезбедување пласман на фајналфор турнирот од Евролигата откако „кралевите“ ја потврдија фаворитската улога и на вториот домашен меч со Басконија, декласирајќи го шпанскиот ривал со убедливи 101-90. Разликата во класи повторно беше очигледна, а нема дилема дека Реал по водството од 2-0 е голем фаворит веќе на следниот меч во Виторија да стави крај на оваа серија и да го чекира билетот за Ф4 во Берлин.

Кампацо беше расположен за игра, а кога Аргентинецот е во ритам тогаш нападот на Реал Мадрид функционира беспрекорно. „Кралевите“ постигнаа над 20 поени во секоја од четирите четвртини, константно ја зголемуваа позитивата, за Басконија во последните двеминути да ја спушти разликата до конечните 101-90.

Марио Хезоња непотребно остави црна дамка на овој триумф на Реал откако Хрватот беше исклучен поради конфликт со судијата Пукл, по кој кошаркарот на „кралевите“ не можеше никако да се смири.

Кампацо со 24 поени и 7 асистенции беше најдобар поединец, 16 поени постигна Јабуселе, а интересно е што Џанан Муса не постигна ниту еден поен иако мина 17 минути на теренот. Маринковиќ со 20 и Милер Мекинтаер со 13 поени беа најефикасни во таборот на Басконија.

Се вчитува...