Филип Милошевски останува Генерален секретар во РФМ

Филип Милошевски и во следните четири години ќе продолжи да ја извршува функцијата Генерален секретар во Ракометната Федерација на Македонија. Тој пристигна на оваа функција како прв оперативец  по доаѓањето на Живко Мукаетов за претседател на РФМ, а по новиот мандат што му беше доделен на првиот човек на федерацијата, сосема очекувано беше и останувањето на Милошевски како генерален секретар.

Ракометната Федерација објави дека по распишаниот конкурс за Генерален секретар, на вчерашната седница на Управниот одбор Милошевски повторно бил назначен на оваа функција.

Врз основа на член 64 од Статутот на РФМ и одлуката 0202-137/1 донесена на 24. февруари 2017 година, Управниот Одбор на Ракометната федерација на Македонија го назначи г. Филип Милошевски за Генерален секретар на Ракометната Федерација на Македонија.

По прегледувањето на пријавите за конкурсот за генерален секретар, објавен на ден 14.02.2017, на кој единствен пријавен кандидат беше г. Милошевски, одлуката за негов реизбор беше едногласно потврдена од страна на Управниот одбор.

Управниот одбор на Ракометната федерација на Македонија ја потврди и одлуката сите клубови во Младинските лиги на Македонија во машка и женска конкуренција да бидат ослободени од исплата на судиски и делегатски такси, која беше презентирана на Изборното собрание на РФМ одржано на ден 07. февруари годинава. Со оваа одлука, почнувајќи од пролетниот дел на сезоната 2016/17, сите пријавени клубови во младите категории (младинци, кадети, пионери во машка и женска конкуренција), судиските и делегатските такси за настапи во домашните натпреварувања ќе бидат покриени од страна на Ракометната федерација на Македонија“ – се вели во соопштението на официјалната веб-страница на РФМ.

Се вчитува...