Германија лесно славеше, но паднаа и две „жртви“ против Азербејџан

Германија лесно и убедливо го совлада Азербејџан со 5-1 во последниот натпревар од овој квалификациски циклус. Селекторот Јоаким Лев го изротира тимот, но Германците го задржаа високото темпо, создадоа бројни шанси и на крајот заслужено стигнаа до убедлив триумф.

Интересно, по првото полувреме резултатот беше 1-1, откако Шејдаев го израмни резултатот по водечкиот гол на Горецка. Мора да се истакне дека при истата акција повреда заработи Мустафи, кој остана да лежи на теренот во моментите кога гостите стигнаа до израмнување. Членот на Арсенал беше втората „жртва“ на Германците на оваа средба, откако исто така во првото полувреме Лев мораше поради повреда да го повлече Суле и на негово место да го уфрли Рудигер.

Вториот дел мина во целосна доминација на светските шампиони, кои постигнаа уште четири погодоци преку Вагнер, Рудигер, Горецка и Џан.

Од претходно беше познато дека Северна Ирска ќе заврши како второпласирана од оваа група, па затоа на Ирците не им падна премногу тешко поразот во Осло од Норвешка од 1-0 (со смешниот автогол на Брант од самата гол-линија во 71. минута).

Во последниот меч од оваа група Чешка рутински го совлада аутсајдерот Сан Марино со 5-0.

Се вчитува...