Хасани неизвесен за дуелот со Милан, а неизвесен и за репрезентација!

Неизвесен е настапот на Ферхан Хасани на утрешниот натпревар за Шкендија против италијанскиот Милан во плеј-оф рундата за пласман во групите од Лигата на Европа, информираше стратегот на тетовци Ќатип Османи на прес-конференцијата пред мечот.

„Хасани и Жуниор имаат повреди, па ја чекаме финалната одлука од лекарскиот тим дали ќе може утре да ни помогнат“ – истакна Османи.

И самиот Хасани потенцираше дека се ќе зависи од следните часови, и од тоа дали ќе може комплетно да го одработи тренингот пред утрешниот дуел.

„Дали ќе играм против Милан ќе зависи од тоа дали ќе може да го одработам вечерашниот тренинг. А, доколку не можам да го одработам тренингот, мислам дека тешко ќе може да бидам подготвен и за репрезентативните настапи следната недела“ – истакна Хасани.

Собирот на македонската репрезентација за квалификациските натпревари против Израел (2. септември) и против Албанија (5. септември) е закажан за понеделник (28. август).

Се вчитува...