ИНТЕРВЈУ – ВЛАДО ИЛИЕВСКИ: Дојде време да и кажам збогум на кошарката!

Секогаш скромен на теренот, но и надвор од него, Владо Илиевски „тивко“ ја мина оваа натпреварувачка сезона во дресот на Работнички. Враќањето по 20 години во македонската кошарка за жал не беше крунисано со освоен трофеј, но Илиевски во ова интервју за ЕКИПА тврди дека ја донел вистинската одлука и дека во иста ситуација сега повторно би го повторил својот избор.

Воедно, тој најавува дека летово и дефинитивно ќе престане со професионално играње на кошарка, а дијагностицира и дел од клучните проблеми со кои се соочува мак-баскетот во овој период.

  • Од сегашна перспектива, добра ли беше одлуката да се вратиш во македонската кошарка?

Мислам дека 100% погодив со тој потег. И претходно ми беше желба да минам барем една сезона да минам во Македонија. Едноставно, по 20 години надвор се зажелев да се вратам дома, не само од перспектива на спортот, туку и на блиското семејство и пријателите што ги имам во татковината. Тоа е потег зад кој цврсто стојам и кој пак би го направил. Од друга страна, овој трансфер во Работнички ми помогна и јас самиот да добијам увид во нивото на македонската кошарка, бидејќи предолго бев надвор, за сега доколку сакам да помогнам во некоја форма, да бидам свесен за актуелните состојби во мак-баскетот. Како некој што е задолжен од македонската кошарка, сметам дека мојот живот и во иднина треба да биде поврзан со татковината и кошарката во мојата земја.

  • Што е следното за Владо Илиевски, кој е наредниот чекор во твојата кариера?

Со 99.9% сигурност можам да кажам дека повеќе нема да играм кошарка. Одлуката ја носам не поради тоа што не сакам, дека телото не може да издржи, ниту дека сум ја загубил желбата за кошарка, која се уште ми претставува огромно задоволство. Мислам дека е дојден моментот по неколку години разделен од моето семејство да се вратам дома, а во исто време ми се појавува шанса да бидам вклучен во проект на европско ниво што е поврзан во спорт. Тоа е се што можам да кажам на оваа тема во моментов. Се надевам дека пак ќе бидам во спортот, но дефинитивно секогаш ќе бидам отворен за да бидам поврзан со македонската кошарка, на било кој начин.

vlado ilievski rabotnicki kumanovo

  • Како би ја оценил сезоната на Работнички, што ви беше потребно за да стигнете до уште поголем успех во плејофот?

Самиот план од почетокот на сезоната беше да играме со домашна база, но и со двајца до тројца странски кошаркари со кои би атакувале на финале, па дури и на шампионска титула. Ние ете останавме само со еден странец, само со Мишановиќ, и со самото тоа не успеавме да стигнеме до финалето. Дефинитивно ни беше потребен уште најмалку еден играч, за да внесе свежина во одредени моменти од натпреварите. Севкупно гледано, сезона како сезона со буџетот и со играчите на располагање за мене е успешна, искрено жалам што бев повреден за време на Купот на Македонија и не можев да учествувам во битката за тој трофеј.

  • Кое е нивото на игра македонската лига во споредба со земјите од регионот во кои имаш настапувано?

Да бидам искрен, позитивно бев изненаден од квалитетот, особено во Супер-лигата во која имавме шест екипи кои во сите балкански земји не би биле аутсајдери. Тоа покажува дека таа некоја глобална финансиска криза на спортот во Европа ни користеше нам, па сега со истите тие ресурси можеме да донесеме играчи за кои порано сме немале шанса да ги искористиме. Од таа страна Македонија има направено чекор напред и позитивно изненаден.

Само во Македонија салите се полоши од пред 20 години

  • Квалитетот на лигата е позитивен, што е според тебе главниот проблем за уште поголем развој на македонската кошарка?

Кога заминав од Македонија пред дваесетина години салите не беа идеални, но сепак важеа за ОК за тоа време. Не очекував дека кога ќе се вратам ќе ги видам поголемиот дел од арените во идентична, па дури и полоша состојба, што е алармантно. Тогаш можеби важеше изговорот дека сме млада држава, сега веќе некој мора да направи конкретен потег, општините сериозно да инвестираат во греење на салите за спортските колективи. Не смее да се случува во врвен спорт да нема услови за тренинг по пет месеци во годината (од средината на октомври до средината на март). Тоа се одразува на квалитетот на првите екипи, но пред се на развојот на младите играчи кои предолго време минуваат надвор од сериозен тренажен процес.

sokoli rabotnicki vlado ilievski

  • Имаш блескава кариера, но сепак првите кошаркарски чекори на сениорско ниво ги направи во Македонија. Зошто според тебе тој тренд се поретко го гледаме кај децата ширум нашата држава, кои прерано заминуваат во странство?

Ramka - NBA ligaЗа мене е загрижувачки деца кои покажуваат одредени таленти уште на 14-15 години да си заминуваат од Македонија, среќата барајќи си ја на друго место надвор од границите на државата. Јас си заминав на 17 години, но бев кадетски и јуниорски репрезентативец и имав зад себе и две сезони на сениорско ниво пред да се преселам во Партизан. Сега се наоѓаме во ситуација децата не покажувајќи ништо веќе да ни бегаат. Покажуваат некаков минимален талент на своја возраст и веднаш си одат од државата. Проблемот не е само кај децата, туку и во стратегијата на федерацијата и на клубовите, на тие деца треба да им се покаже дека тие можат да станат професионални кошаркари и овде, во Македонија, и да се развиваат на правилен начин. Со сигурност можам да кажам дека секое дете од Македонија има поголеми шанси да се докаже дома, отколку да се бори како странец за место во тимот во било која друга држава. Треба да се разговара и со родителите на тие деца, ќе им се појасни целата ситуација и ќе им се даде до знаење дека и овде не е така лошо. Еве, јас што сум играл на највисоко можно ниво се враќам овде и велам дека квалитетот е сосема добар, не е Македонија „последна дупка на светот“ па децата премногу млади да бегаат оттука.

  • Кој е твојот став околу преседанот за странски судии за мајсторката во македонскиот плејоф и дали низ кариерата ти се случило да ти судат странски арбитри во некоја лига?

Имам искуство на натпревари со странски судии во регионалната ВТБ-лига, но тоа во тоа време се должеше на голем скандал со корупција на руските арбитри. Како што увидов во Македонија, проблемот не е денешен, туку тлее со години наназад. Моето мислење е дека федерацијата и судиите мора да соработуваат и тоа да биде на едно многу повисоко ниво. МКФ како федерација мора да ги заштити арбитрите, но од друга страна и тие мора да одат решително по еден пат и да не скршнуваат од него ни лево ни десно.

intervju vlado ilievski2

  • Според тебе, што е причината за огромниот пад на репрезентативната кошарка по оној историски пласман во Литванија?

Да бидам искрен, не треба да се гледа на сето тоа со огромно разочарување. Во секоја сфера на животот има подеми и падови, можеби е нормално по еден таков успех да дојде до пад. Да не заборавиме дека условите кај нас од аспект на спортска инфраструктура и од вложување во спорт се далеку од идеални, сето тоа долгорочно се одразува врз квалитетот, а сега дојде моментот кога тоа на своја кожа го чувствува кошаркарската репрезентација.

Верувајте во репрезентацијата

  • Твоја прогноза за следните претквалификации, пресметките со селекциите на Косово и на Естонија.

Јас сум оптимист. Сега го видов и распоредот, таа прва средба на гостински терен со Косово ќе биде многу тешка. Сепак, верувам во нашата национална селекција, дека може да слави на тој меч, а со самото тоа и да заврши 99% од работата за пласман во следната квалификациски рунда. Јас верувам во репрезентацијата, сметам дека сите треба да ја поддржат оваа подмладена селекција

mkd izrael vlado ilievski

  • Кога ке се осврнеш наназад дефинитивно имаш неверојатна кариера. На што гледаш како на врвно достигнување… и има ли нешто што не ти се остварило, а што си го посакувал?

Можеби за некого ќе звучи нескромно или чудно, но јас искрено верувам дека можев да направам многу повеќе во својата кариера. Горд сум на сето она што го имам постигнато низ годините, но верувам дека не дојдов до она што можев да дојдам. Тука има и моја вина, и животните околности, па кога гледаме севкупно јас сум задоволен, среќен што сум успеал во животот. Врв на кариерата ми е секако она што го постигнавме со репрезентацијата, тоа е нешто што ќе остане засекогаш запишано во историјата и што никој не може да ни го оспори. За што жалам… за она што го реков претходно, дека можев многу повеќе, за некого можеби ќе звучи чудно, но јас длабоко во себе знам дека можев да имам уште подобра кариера.

Се вчитува...