Кинезите се откажуваат, Интер на продажба?

Мнозинскиот сопственик на Интер, групацијата Сунинг, сака да го продаде клубот, но според италијанските медиуми, никој не сака за „нероаѕурите“ да издвои толку пари колку што бараат Кинезите.

Весникот „Кориере дела Сера“ објави дека се поголеми се недоразбирањата меѓу кинеските сопственици и челниците на Интер. Сопствениците се незадоволни затоа што Интер не успеа да избори европски натпреварувања минатата сезона. Се помал е и приливот на пари од Сунинг бидејќи клубот е под притисок на ФИФА за финансискиот фер-плеј.

Вториот клуб кој е под сопственост на Сунинг, кинескиот Џангсу, деновиве остана без тренер по разрешувањето на Фабио Капело, а прекината е и соработката со техничкиот координатор на Интер и на Џангсу, Валтер Сабатини.

Богатите Кинези имаат намера да се повлечат од фудбалот и да го продадат Интер. Но, засега тешко може да најдат купувач со оглед на тоа што имаат зацртана цена од 600 милиони евра, а според италијанските медиуми, никој не сака да ја плати таа сума за клубот од „Сан Сиро“.

Групацијата Сунинг во јуни 2016 година купи 68.55 отсто од акциите на Интер, додека индонезискиот бизнисмен Ерик Тохир остана претседател на клубот со малцинска удел во сопственоста на „нероаѕурите“ од 31.05 отсто.

Се вчитува...