Кливленд без одговор за одбраната на Бостон

Бостон ја доби големата пресметка со Кливленд со убедливи 102-88, со што селтикси уште повеќе се зацврстија на првото место во Источната конференција. „Зелените“ одиграа извонредна одбрана и го задржаа противникот на скромни 38% шут од поле, додека на спротивната страна во нападот ги имаа расположениот Тери Розиер, кој како адут од клупата постигна 20 поени.

Кливленд се најде во двоцифрена негатива уште во првата четвртина (32-21), но за разлика од бројни претходни натпревари овојпат Леброн и соиграчите не успеаја да најдат начин да се вратат.

Голден стејт стигна до тешка победа од 122-125 на гостувањето против Далас, прекинувајќи ја серијата од четири победи на маверикс. Клучните четири кошаркари на шампионот (Кари, Дурант, Грин и Томпсон) постигнаа вкупно 100 поени, а во главна улога сепак беше Стеф Кари, кој ја погоди клучната тројка на три секунди до крајот.

Хјустон и без помошта на повредениот Џејмс Харден забележа убедлива победа на гостувањето во Орландо (98-116). Џералд Грин беше прв стрелец на „ракетите“ со 27 поени, додека Капела придонесе со 21 поен во новиот триумф на овој тим.

Резултати НБА:

Орландо – Хјустон 98-116, Филаделфија – Сан Антонио 112-106, Вашингтон – Њујорк 121-103, Бруклин – Минесота 98-97, Мајами – Детроит 111-104, Бостон – Кливленд 102-88, Чикаго – Торонто 115-124, Милвоки – Индијана 122-101, Далас – Голден Стејт 122-125, Денвер – Феникс 134-111, Јута – Њу Орлеанс 98-108, ЛА лејкерс – Оклахома сити 96-133.

Се вчитува...