Колективно известување од Автокоманда – Кој доаѓа, кој останува и кој заминува од Металург

Во очекување на одлуката на ЕХФ дали Металург ќе добие уште една вајлд-карта за настап во Лигата на шампионите, во Автокоманда веќе се комплетира тимот за наредната сезона. Дел од ракометарите ги продолжија договорите, дел си заминуваат, а некои ракометари повторно се враќаат во редовите на мекдонскиот вицешампион.

Нов двегодишен договро со Металург потпиша репрезентативниот пикер Жарко Пешевски, кој во целата своја кариера настапува за тимот од Автокоманда.

Од ланскиот состав, нови едногодишни договори потпишаа и голманот Дарко Арсиќ, десното крило Александар Гуглета и левото крило Вања Илиќ, информира Металург на официјалниот клупски сајт.

Повратник во тимот е Дарко Димитриевски кој игра на позицијата среден и лев бек. Повремениот македонски репрезентативец лани од Унгарија дојде во Металург, но незадоволен од минутажата што ја имаше Лино Червар, сезоната ја заврши во матичниот Борец од каде сега повторно се враќа во Автокоманда со нов едногодишен договор.

Во Металург се враќа и голманот Никола Даниловски кој беше позајмен во Пелистер и кој има активен договор со клубот.

Ново име во составот на Металург за следната сезона е Словенецот Јануш Лапајне кој игра на позицијата лев бек, а може да настапи и на централната бековска позиција. Лапајне (22) претходно настапуваше за екипите на Ајдовчина и Урбанскапе од Шкофја Лока, а потоа се пресели во редовите на европскиот вицешампион ПСЖ од каде доаѓа во Металург. Словенечкиот бек со Металург потпиша двегодишен договор.

Според официјалните најави Металург е во пореговори и до почетокот на подготовките за новата сезона во тиомот од Автокоманда треба да дојдат уште најмалку три нови засилувања.

Неколку ракометари на крајот на сезоната го напуштија тимот. Официјално, соработката е прекината со Мартин Марчец, Немања Младеновиќ, Горан Печенковски и со Предраг Вејин.

Иако беше неизвесен статусот на тренерот Лино Червар по неговиот селекторски ангажман во репрезентацијата на Хрватска, се поизвесно е дека Хрватот останува на клупата на Металург и во наредниот период.

Се вчитува...