Куманово бара нов тренер, Михајловски си поднесе оставка

Екипата на Куманово е во потрага по нов тренер откако Игор Михајловски денеска си поднел оставка од функцијата шеф на стручниот штаб на поранешниот вицешампион на Македонија. Слабиот старт на сезоната и неколкуте порази, како во домашното првенство така и во БИБЛ-лигата, се суштинските проблеми поради кои доаѓа до ваков развој на настаните кај кумановци, иако Михајловски на раководството на клубот му соопштил дека станува збор за здравствени проблеми поради кои нема да може да продолжи да ја извршува тренерската функција.

Тој денеска не го водеше тимот при одличната игра и победата на Куманово во Струмица, а раководството на клубот во најскоро време ќе именува нов тренер.

Игор Михајловски повеќе не е тренер на нашиот тим. Си поднесе оставка од здравствени причини, па сега ќе треба што поскоро да именуваме нов шеф на стручниот штаб. Имаме неколку опции, во најскоро време ќе го објавиме името на новиот тренер“ – истакнуваат од раководството на КК Куманово.

Кумановци по првите четири кола во домашното првенство имаат скор од две победи и два порази, а во петтата рунда оваа екипа ќе го пречека шампионот МЗТ Скопје.

Се вчитува...