Кутроне потпишува до 2023 и добива шест пати поголема плата

Патрик Кутроне е откровение на сезоната во италијанскиот шампионат, откако младиот Италијанец им го зеде местото на стартен напаѓач на Андре Силва и Никола Калиниќ, редејќи одличнни настапи во дресот на Милан. А челниците на „росонерите“ не чекаат многу за да потпишат нов договор со овој талентиран голгетер, па како што јавуваат италијанските медиуми продолжувањето на соработката ќе се случи најдоцна до крајот на овој месец.

Како што прв јави „Скај Италија“, договорени се сите детали, Кутроне ќе потпише договор до 2023 година, а во него ќе нема клаузула за откуп, се со цел овој голгетер што подолго да остане на „Сан Сиро“. За возврат, тој ќе добие шест пати поголема плата од оние 180.000 евра годишно што ги добива во моментов. Според новиот договор, Кутроне за наредната сезона ќе заработи 1,1 милион евра, а платата прогресивно ќе му расте во секоја следна сезона.

Патрик Кутроне сезонава настапи на 37 натпревари, постигнувајќи 15 голови, а со добрите игри се најде и на списокот на селекторот Ди Бјаџо за претстојните пријателски натпревари на италијанската репрезентација.

Се вчитува...