Македонките „декласирани“ од силната Хрватска

Женската кошаркарска репрезентација на Македонија го забележа и третиот пораз во квалификациите за ЕП 2019. Во СЦ „Борис Трајковски“ нашите репрезентативки претрпеа тежок пораз од фаворизираната Хртватска со резултат од 47-108. Избраничките на Марјан Лазовски едноставно немаа одговор за силната селекција на Хрватска која со овој триумф се израмни по бројот на бодови со Шведска и Италија во групата Х, додека Македонија е без ниту една победа од три средби.

Македонките уште на стартот наидоа на проблеми, особено во нападот откако хрватскиот состав ги принудија да направат неколку грешки. Митрашиновиќ ги постигна првите поени за нашата репрезентација, а потоа нешто повеќе од три минути Македонија беше без реализација. Хрватска ја искористи иницијативата и веќе по шест минути игра изградија сигурна предност која подоцна постепено ја зголемуваа во своја корист. До крајот на воведниот период нашите кошаркарки го поправија учинокот, но играа далеку од посакуваното ниво против расположените хрватски репрезентативки.

Гостинската репрезентација додаде гас и практично ја осигура победата пред паузата, „коцкестите“ тргнаа фуриозно и со неколку мини – серии во вториот период направија предност од +28, додека селекцијата на Македонија и натаму се соочуваше со големи проблеми на офанзивен план.

Во обид да се одбрани честа, Македонија тргна поцврсто во вториот дел. Подобрувања се видоа и во напад и во одбрана, но Хрватска успешно возвракаше на секоја закана од нашата селекција. Добро е што се примети значителен паредок во реализација, Македонија постигна 19 поени во третиот период, речиси исто толку забележаа во претходните две четвртини. До самиот финиш Хрватска и нанесе тотален дебакл на нашата репрезентација и без никакви проблеми оствари рутинирана победа.

Капитенката Митрашиновиќ беше најсветлата точка за македонската репрезентација, забележувајќи 20 поени и седум скока. Во хрватскиот состав Андријана Мишура – Сандриќ се истакна како најефикасна со 22 поени и осум асистенции, додека Марија Режан забележа 18 поени.

Се вчитува...