МЗТ обезбеди опстанок во АБА, Партизан ја совлада Крка

МЗТ Скопје и дефинитивно ќе опстане во АБА-лигата откако Крка остана закована на дното на табелата по вечерашниот пораз од Партизан (94-80). Словенечкиот тим немаше сили за сензација против „црно-белите“, кои настапија засилени со враќањето на четири кошаркари кои поради болест ги пропуштија последните средби.

По израмнетото прво полувреме, мечот беше решен во третата четвртина која Партизан ја одигра фуриозно во нападот, постигнувајќи 30 поени и стигнувајќи до предност од 76-60. Последниот период беше само рутина за избраниците на Александар Џикиќ, кои ја продолжуваат битката за избегнување на четвртото место на табелата кое ќе значи и полуфинале со Црвена звезда.

МЗТ Скопје утре го игра својот меч од претпоследното коло против Будуќност, но дури и во случај на пораз, како и на неуспех во последното коло на домашен терен со Морнар, „металците“ би го избегнале последното место поради подобриот меѓусебен скор во меѓусебните дуели со Крка.

Се вчитува...