Николиќ: Благодарност до сите, од играчи до управа…

Карпош соколи загуби убедливо од Мега лекс во последното коло од АБА-лигата, а тренерот Драган Николиќ по мечот јавно им се заблагодари на сите во клубот за сработеното и изборениот опстанок во регионалното натпреварување. „Соколите“ сега се вртат кон атак на титулата во домашното првенство што би можело да ја исполни новата желба на Николиќ, догодина пак да се сретне со Мега лекс во АБА (директен пласман ќе има само првакот на Македонија).

Денеска е кошаркарски ден на благодарноста. Јас сум им благодарен на сите играчи кои остварија херојски подвиг, со што ги направија сите во клубот презадоволни. Благодарен сум на управата на клубот која издржа буквално се, бодрејќи го и поддржувајќи го тимот и кога не одеше како што треба. Благодарен сум на комплетниот стручен штаб на напорната работа, но и на мојот претходник кој добро си ја вршеше задачата. Шт се однесува до самиот меч, иако немаше натпреварувачко значење, мислам дека публиката имаше што да види. Домаќините доминираа во офанзивниот скок, а ние промашивме многу чисти шутеви за три поени, дел од играта што ни е заштитен знак, а што не функционираше двечерва. По првиот меч во Скопје си посакавме едни на други во последното коло да играме растоварени, двата тима да го имаат обезбедено опстанокот. Сега сакам повторно да се сретнеме во оваа прекрасна лига и во следната сезона, а зошто да не и во некој од европските купови. Ние од утре се вртиме кон македонското првенство, кое го носи најзначајниот пехар, но и пласманот во АБА“ – истакна Николиќ.

Токму овој стратег е најзаслужен за извонредните настапи на Карпош соколи во вториот дел од сезоната, ако се знае дека пред неговото доаѓање македонскиот клуб имаше скор 0-8, за под водство на Николиќ „соколите“ да забележат десет победи и осум порази во силното регионално натпреварување.

Се вчитува...