Оптимизам во Победа: Со „реновиран“ тим ќе се брка шесто место на табелата

Со 19-тото коло и дуелот со Пелистер во Турново фудбалерите на Победа утре ја започнуваат пролетната полусезона во шампионатот 2017/2018 на Првата лига. Попладнево во клупските простории на Градскиот стадион ,,Гоце Делчев,, на прес конференција в.д. извршниот директор на клубот Ирена Јакимоска говореше за актуелните состојби во клубот и очекувањата од продолжението на шампионатот.

„Она што е клучно да кажеме е дека денеска се исплати првата плата за оваа сезона. На сите им беше извршена уплатата така да по овој прес имаме состанок со фудбалерите да им го соопштиме тоа бидејќи многу е клучно и битно да се задржи довербата кај фудбалерите бидејќи ние тоа го ветивме. Истовремено, тие врз основа да таа доверба да се изборат за соодветен резултат кој го очекуваме. Моите лични амбиции, во однос на оваа полусезона се секако 6-та позиција, која што ќе ни донесе стабилност, со цел да продолжиме и понатаму во новата сезона, каде ќе разговараме за наредните амбиции. Јас сум среќна и задоволна од тимот, непречено работевме во овој временски период, интензивно и без никакви опструкции и со големо разбирање“, изјави Јакимоска на денешната прес-конференција.

Спортскиот директор на клубот Јане Николоски потенцира дека нималку не беше едноставна задачата да се состави ростер со толку голем број на нови фудбалери. Победа во зимскиот преоден рок никогаш не довела 11 играчи, а дали тие ќе биле 11 засилувања, тоа ќе го докажеле самите.

„Мислам дека она што ни беше како цел и она што ни беше дадено као задача од Шефот на стручниот штаб, мислам дека 90% го остваривме. Единствено што може да жалиме е што не успеавме да го ангажираме и нашето 12 засилување, а тоа е Стефан Грбовиќ, кој имаше проблеми со документацијата. Верувајте дека сè беше договорено, не е наша вина, туку едноставно беше недоразбирање меѓу него и неговиот бивш клуб Партизан. Меѓутоа тоа е завршена работа, со она што го имаме на располагање, со тоа ќе играме. Со тоа Шефот ќе состави еден тим, со кој се надевам дека уште од утре успешно ќе започне и втората полусезона. Сето останато е на Стручниот штаб и на играчите кои се надевам ќе го дадат својот максимум и се надевам дека утре ќе се израдуваме со 3 бода кои што ќе ни дадат малку поголема волја и малку поголем мир во продолжение на првенството“ – истакна Николовски.

Се вчитува...