Репрезентацијата до 17 години обезбеди елитни квалификации за ЕП!

Младата репрезентација на Македонија за фудбалери до 17 години, за првпат во историјата на европски натпреварувања на оваа селекција, обезбеди пласман во елитните квалификации на УЕФА за Европско првенство.

Селекцијата на Горан Станиќ ќе игра во елитните квалификации на пролет следнава година, откако обезбеди место како една од четири најдобри третопласирани репрезентации во првата фаза од квалификациите.

Во првата фаза од квалификациите селекциите беа поделени во 13 квалификациски групи, при што во елитните квалификации одат најдобрите две од секоја група, плус четири третопласирани со најдобар резултат сметајќи ги дуелите против првите две селекции.

Македонија во Групата 8 освои вкупно 5 бода, завршувајќи на третото место, со две ремија без голови против првопласираните на крајот во групата БиХ и Словачка. Триумф запишавме против Молдавија од 2-0 со головите на Владан Новевски и Ване Тасевски.

Па, досега во првата фаза од квалификациите одиграни се дуелите од десет групи, вклучувајќи ја тука и Групата 7 во која во тек се натпреварите но од која не може Андора или Естонија да го загрозат нашето место. Останува да се одиграат уште натпреварите од три квалификациски групи, 1, 10 и 13, а досега Македонија со 2 бода (ремијата против БиХ и Словачка) е убедливо најдобра третопласирана селекција, што значи веќе и со сигурност ќе биде една од четирите најдобри третопласирани репрезентации до 17 години кои на пролет ќе играат во елитните квалификации.

Македонија до пред некоја година во оваа генерација служеше само за дополнување гол-разлика на противниците уште во првата фаза од квалификациите. Минатата година само поради еден жолт картон повеќе не обезбедивме елитни квалификации, за да оваа година конечно го направиме тој исчекор напред.

Елитните квалификации, на пролет следната година, ќе се играат во 8 групи по 4 репрезентации. Првопласираните од секоја група обезбедуваат директен пласман на ЕП, заедно со седум најдоброрангирани второпласирани селекции. Тие 15, заедно со домаќинот, ќе ги сочинуваат четирите групи од по четири репрезентации на Европското првенство за фудбалери до 17 години.

Се вчитува...