Шампионскиот тим повторно заедно…„Кометал шампионе“ – 15 години подоцна

На 19 мај хит на денот е „Кометал шампионе“. Поминаа 15 години од оној 19 мај 2002 година кога ракометарките на Кометал Ѓорче Петров го освоија победничкиот пехар и на Македонија и ја донесоа првата и по 15 години, се уште единствена титула во Лигата на шампионите.

Победата на „кометалки“ против Ференцварош ,„шраубата“ на Индира Кастартовиќ, цепелинот на Андријана Будимир за оние конечни 26-22 на семафорот, делириумот во „Кале“, прославата на скопскиот плоштад…се моментите што се паметат и ден денес. И се одбележува овој ден како посебен во македонскиот спорт. Го одбележува Македонија, а секоја година го одбележуваат и „кометалки“ заедно со Трифун Костовски, човекот под чие покровителство Кометал ЃП стигна до европскиот трон.

„Нормално, денеска се слуша „Кометал шампионе“ уште од рано сабајле. Со химната ме разбудија. Еве, сега ги гледаме старите снимки. Тоа се посебни, незаборавни моменти. Убаво е чувството, како да беше вчера, како да не поминале 15 години“ – вели расположено Индира Кастратовиќ.

И тогаш кога Кометал Ѓорче Петров жареше и палеше во ракометна Европа и денеска 15 години подоцна, шампионскиот тим се уште го поврзува една посебна нишка. А, Индира повторно ја има онаа лидерска улога, „матицата“ која го собира тимот. Некогаш за победи, а сега за дружба и прослава на јубилејните 15 години од освојувањето на шампионската титула. Шампионскиот тим повторно се собира во Скопје – тука се Индира Кастрaтовиќ, Гордана Нацева, Милева Велкова, Анжела Платон, Наталија Тодоровска, Мими Чупиќ, Андријана Будимир, Елена Златановска…за јубилејот дојдоа и Лариса Кисељева, Луминица Дину, Ања Андрушенко.

kometal titula

Овој 19 мај е посебен, јубилеен, а денеска Скопје повторно го обединува шампионскиот тим…

„Трифун Костовски повторно не собра“ – се смее Индира и носталгично додава.- „Некои работи едноставно не се забораваат никогаш. Убаво е кога некој ќе се сети на тоа. Убаво е што повтрно сме заедно и после толку години. Со некои не сме се виделе со години. Беше „лудо“ синоќа кога ги пречекавме на аеродром. Лариса дојде со ќерката, Луми е истата, Ања повторно викна „јас ја сакам Македонија“…Многу спомени, многу емоции, убав ден“.

Во големото финале, Кометал ЃП во Будимпешта загуби од Ференцварош со два разлика (27-25). Но, потоа следуваше реваншот во македонската ракометна тврдина. Во „Кале“ се славеше европска титула. Единствено и незаборавно.

Велат, така ќе биде и вечерва. Во Скопје повторно се собира шампионскиот тим…

„Кометал шампионе“, добро е „видети те опет“!

Се вчитува...