Шведска прва до полуфинален билет на СП

Шведска е првиот полуфиналист на СП 2018 за жени откако во четвртфиналната пресметка оваа селекција славеше над скандинавскиот ривал Данска со 26-23. По одличните игри во групната фаза и лесниот триумф над Словенија, Швеѓанките продолжија во сличен ритам и на денешното четвртфинале, во кое во второто полувреме успеаја да го скршат отпорот на големиот ривал.

Данките изненадија со подобра игра на стартот кога имаа предност од три гола, но ситуацијата се промени по рокадата на шведскиот гол. Најпрвин на одмор се замина со минимална предност на Шведска од 13-11, за потоа „сино-жолтите“ на самиот старт од второто полувреме со фуриозна игра да си создадат недостижна предност. Тие имаа најубедливи 22-15, но Данска не се предаде и со игра „седум на шест“ во нападот дојде на само два гола разлика на пет минути до крајот. Сепак, Швеѓанките постигнаа клучни голови преку Бломстранд и Гулден и одолеаја на завршниот атак на противникот, за заслужен пласман во полуфиналето. Таму скандинавската селекција за противник ќе го има подобриот од вечерашниот дуел меѓу Франција и Црна Гора.

Бломстранд беше најефикасна со седум гола од ист толку обиди, Гулден постигна пет за победничката селекција, додека кај Данска најдобар стрелец беше Транборг со седум погодоци.

Се вчитува...