Струмичка доминација: Нова титула за„сино-белите“ во одбојкарскиот шампионат

Доминацијата на Струмица на македонската одбојкарска сцена продолжи со нова титула за овој тим, кој со вечерашниот триумф во Штип по 11. пат беше крунисан како најдобар во мак-одбојката. Доколку во куп-финалето дозволија да бидат изненадени од големиот ривал, струмичани во овој плејоф беа подготвени за предизвикот, покажаа повеќе од противникот од Штип и заслужено ја добија оваа финална серија со 3-1 во победи.

Денешниот четврти меч мина во доминација на бранителот на трофејот, кој во долги периоди имаше целосна контрола и на крајот заслужено славеше со 1-3 во сетови. Струмица доминираше во првиот сет добивајќи го со 15-25, а во вториот се водеше далеку поизрамнета битка. Штипјани дури имаа и предност до самиот крај, но „сино-белите“ со серија поени во самата завршница направија целосен пресврт и поведоа со 0-2 во сетови (21-25).

Се чинеше дека победата ќе биде максимална откако гостите отворија со 2-7 и со 3-8 на почетокот од третиот сет. Сепак, домаќините покажаа карактер и не само што се вратија, туку и со голем пресврт стигнаа до првиот сет во мечот (25-21). Тоа беше се што штипјани успеаја да сторат бидејќи четвртиот сет мина во целосна доминација на Струмица, по што актуелниот првак славеше со 17-25 и ја одбрани титулата во македонскиот шампионат.

Се вчитува...