Според желбите на Антиќ: Фенербахче против Олимпијакос во финалето на Евролигата

Фенербахче, турскиот тим каде настапува Перо Антиќ, е вториот финалист на завршниот Ф4 турнир во Евролигата што се одржува во Истанбул. Тимот што го предводи Жељко Обрадовиќ славеше убедливо против Реал Мадрид со 84-75, а со ова се исполни желбата на Антиќ, во финалето да играат неговиот сегашен и поранешен тим, Фенербахче и Олимпијакос.

Турскиот тим, кој игра на домашен терен на овој Ф4 турнир, беше доминантен во дуелот со „кралевите“. Првата четвртина ја доби со 21-13, а на полувреме замина со предност од десет поени (44-34). Во третиот период имаше и 16 поени предност, а Реал Мадрид иако намали дел од негативата, не успеа целосно да се врати во мечот. На крајот, Фенербахче сосема заслужено се пласира во големото финале.

Перо Антиќ беше во составот на Фенербахче, но не доби шанса за настап на теренот на овој меч. Екпе Удох со 18 поени и 11 скокови, беше најефикасен во победничкиот тим, додека најефикасен на мечот беше Серхио Љуљ со 28 поени.

Се вчитува...