Србинот Поповиќ е последното засилување за Карпош Соколи пред Суперлигата

Искусниот српски интернационалец Марко Поповиќ е последното засилување за Карпош Соколи пред стартот на Суперлигата, откако денеска, на последниот ден од преодниот рок, потпиша договор со важност до крајот на сезоната.

Станува збор за плејмејкер, кој треба да им помогне на Кендрик Пери и на Доминик Мавра во организација на нападите на „соколите“ во обидот да се оствари уште еден историски успех – освојување на првата шампионска титула.

33-годишниот Поповиќ професионалната кариера ја почнал далечната 2000 година во дресот на застава од Крагуевац, а досега има настапувано за голем број клубови меѓу кои се и грчка Олимпија Лариса, шпанска Мурсија, словенечки Златорог, украински Динамо Тбилиси и полскиот Старт Лублин. На српската кошаркарска сцена настапувал за екипите на Ергоном Ниш, Слога Краљево, Војводина, Напредак Крушевац, Смедерево 1953…

Новото засилување на Карпош Соколи нема да настапи на денешниот последен меч во АБА-лигата на гости кај Мега Лекс, а дебито во новиот дрес ќе го има в среда, кога на домашен терен Карпош го пречекува Работнички на стартот од домашната Суперлига.

Се вчитува...