СТОП за плукањето во кошарката – ќе следат казни од 40.000 денари

Новата сезона во македонската кошарка стартуваше минатиот викенд, а со неа на сила стапија и новите казни што ќе бидат изрекувани на клубовите, тренерите и играчите за непочитување на пропозициите за натпреварување.

Она што прво паѓа во очи е значителниот скок на казните, пред се на оние со кои се штитат актерите на теренот од страна на неодговорните навивачи. Плукањето на гостинските играчи и тренери, исто како и на официјалните лица, е проблем што дваесетина години се влече во мак-баскетот. Комесарот за натпреварување и челниците на федерацијата ќе се обидат да го решат овој проблем со драстично зголемување на казните, па така клубовите кои ќе бидат „виновни“ за ваков престап ќе мора да платат огромни 40.000 денари.

kazni kosarka

Згора на тоа, повторувањето на сите престапи од членот 54 ќе значи и удвојување на казните, што би значело дека за две средби на кои еден клуб е домаќин, а неговите навивачи ги плукаат гостинските играчи или официјалните лица, тој клуб ќе треба да издвои 120.000 денари. Казната дефинитивно е ригорозна, па останува да се види дали ќе придонесе конечно оваа несакана појава да биде искоренета.

Покрај за плукање, значително се зголемени и казните за фрлање на тврди предмети на терените, и тоа 30.000 денари за прв престап на фрлање запалки, пластични шишиња, парички (двојно повисока сума при повторување на престапот) и дури 50.000 денари за фрлање на тврди предмети кои можат да причинат повреди опасни по живот (камења, столици, стаклени шишиња…).

Сите казни што можат да бидат изречени може да се најдат во член 54 од Пропозициите за натпреварување Сениорска лига, на официјалната веб-страница на МКФ, или на следниот ЛИНК .

Се вчитува...