Талески: Знаеме што не чека во Скопје, Вардар е шампион и има најдобра публика

Филип Талески со Рајн Некар Левен во сабота ќе му гостува на Вардар во дербито од групата А во Лигата на шампионите. Во последната проверка пред гостувањето во Скопје, Рајн Некар Левен вечерва беше поразен од Мелсунген (29-26) во натпреварот од Бундес-лигата.  Со овој дуел беше прекината и фантастичната серија на „лавовите“ од 17  натпревари без пораз во сите натпреварувања.

„Што да се каже после ваков натпревар. Добро отворивме, но после тоа имавме многу лоша реализација и одигравме многу лошо во нападот. Во одбраната немавме многу помош од голманите. Генерално,  одигравме лош натпревар. Ова беше прекинување на една добра серија . После поразот од Фленсбург на почетокот на септември, немавме друг пораз се до денеска“ – сумира македонскиот репрезентативец во дресот на Рајн Некар Левен.

Колку и да ги исфрли од победничкиот ритам, според Талески, овој пораз може да има и позитивен ефект на тимот пред гостувањето во Скопје, кое како што вели, ќе биде едно од најтешките за Рајн Некар Левен. Талески доаѓа на добро познат терен, но и целиот тим на Рајн Некар Левен е свесен каква атмосфера ги очекува во Скопје, во дуелот со европскиот шампион.

„Можеби е и позитивно што ни се случи овој пад сега за малку да се стабилизираме пред дуелот со Вардар. Сите знаеме што не чека во сабота во Скопје. Вардар е европски шампион, а сите играчи знаат дека теренот на Вардар е пеколен, дека има најдобра публика. Така што, ќе биде многу тежок натпревар за нас“ – вели Филип Талески.

Натпреварот Вардар – Рајн Некар Левен се игра в сабота (17.30 ч.) во СЦ „Јане Сандански“. По првите седум кола во групната фаза, Вардар и Рајн Некар Левен се единствените непоразени екипи во групата А од ЛШ. Македонскиот шампион е на првата позиција со 13 бода, а Рајн Некар Левен е втор со два бода помалку.

Се вчитува...