Тотенхем до големо реми – Игуаин од херој до трагичар на Јувентус

Тотенхем има одлична можност да го елиминира актуелниот европски вицепрвак Јувентус од Лигата на шампионите откако „спарси“ ремизираа 2-2 на гостувањето во Торино. Првиот осминафинален натпревар донесе голема битка, а Гонзало Игуаин од херој по двата постигнати гола се претвори во трагичар откако не реализираше пенал со кој можеше да ја осигура победата на својот тим.

Мечот почна извонредно за „старата дама“, откако за помалку од 100 секунди игра италијанскиот првак се најде во водство. По еден слободен удар Пјаниќ испрати одличен центаршут, а Игуаин уште подобро ја зафати топката „на волеј“ и ја смести зад грбот на Љорис. „Спарси“ беа во шок, а Јуве знаеше како да го искористи тоа, па набрзина стигна и до водство од 2-0, со пеналот што Игуаин го претвори во гол.

Гостите од Лондон полека почнаа да се консолидираат, промашија и убава шанса кога Буфон го одбрани ударот со глава на Кејн, но големиот ас на „спарси“ не згреши десетина минути подоцна, кога на додавање на Деле Али најпрвин го мина голманот на Јувентус, а потоа ја смести топката во празната мрежа. Тоа не беше и крај на возбудувањата во првото полувреме, откако во судиското продолжение судијата досуди уште еден пенал за Јувентус, сосема оправдано по стартот на Орие над Даглас Коста. Игуаин имаше извонредна шанса за хет-трик, но неговиот удар заврши во гредата.

Казната за ова големо промашување стигна во 70. минута, кога Ериксен изведе слободен удар, топката удри во живиот ѕид и го изненади Буфон, завршувајќи во неговата мрежа за израмнување на 2-2. Ова беше прв домашен меч во ЛШ по пауза од две години на кој Јувентус прима два гола, „старата дама“ беше изненадена и не успеа да притисне во финишот, a најубавата шанса ја имаше кога Вертонген за малку ќе си постигнеше автогол, но топката сепак не мина крај Љорис.

Се вчитува...