Цедевита сe закити со првиот Суперкуп на АБА-лигата

Цедевита е првиот освојувач на трофејот во Суперкупот на АБА-лигата, откако хрватскиот првак триумфираше на турнирот што во изминатите четири дена се одржуваше во Бар. Кошаркарите на Цедевита вечерва во драматичното финале триумфираа над Будуќност со резултат 78-69, па со трофеј ќе влезат во новата сезозна од АБА, што ќе стартува наредниот викенд.

Двете екипи го одиграа финалето со огромни осцилации, па така Цедевита ја доби првата четвртина со убедливи 21-2, десет минути во кои Црногорците не погодија ниту еден од 15-те упатени удари од поле. Сепак, Будуќност „експлодираше“ во вториот период во кој постигна дури 33 поени (13-33), па црногорскиот првак неочекувано замина на осмор со минимална предност од 34-35.

Слабата втора четвртина не ги исфрли од ритам хрватските кошаркари, кои го контолираа резултатот во второто полувреме. Будуќност во неколку наврати успеваше опасно да се приближи, но кошаркарите на Цедевита беа присебни кога беше најзначајно, се одлепија на неколку минути до крајот и се погрижија да нема никаква неизвесност во финишот.

Стипановиќ со 20 поени и девет скока и Николс со 19 поени беа најзабележителни кај победничкиот тим, додека најдобар стрелец на Будуќност на денешното финале беше Ивановиќ со 20 постигнати поени.

Се вчитува...