ЦСКА имаше лесен тренинг со Уникс Казан

ЦСКА Москва забележа нова планирана победа во рамките од Евролигата, триумфирајќи на руското дерби против Уникс Казан, на гостински терен со резултат 74-85. Триумфот на актуелниот европски првак е апсолутно заслужен ако се знае дека ЦСКА водеше од првата до последната минута, не дозволувајќи им на домашните кошаркари ниту еднаш посериозно да им се приближат.

Клуч во првото полувреме беше одлуката на тренерот Итудис да го стави нешто повисокиот Курбанов како чувар на Кит Ленгфорд, со што целосно го неутрализираше најдобриот домашен кошаркар (само два поени во првото полувреме). Згора на тоа, Уникс остана без првиот плејмејкер Колон, кој го повреди скочниот зглоб, а гостите од Москва знаеја како да го искористат тоа. Првата четвртина заврши со резултат 18-25, на одмор се замина со 33-44, предност што актуелниот првак на Европа рутински ја одржа до самиот крај.

Нандо де Коло беше прв стрелец со 22 поени, додека Милош Теодосиќ оствари дабл-дабл од 12 поени и фантастични 12 асистенции.

Се вчитува...