Вардар пак царува во СЕХА, Веспрем симнат од тронот - Екипа
Сакај СПОРТ!   Читај Спорт!   Живеј СПОРТ!
Ekipa
Ракомет
24/07/2017 22:22
Ракомет
24/07/2017 21:25
Ракомет
24/07/2017 20:37
Фудбал
24/07/2017 20:08

Вардар пак царува во СЕХА, Веспрем симнат од тронот

Вардар пак царува во СЕХА, Веспрем симнат од тронот

ЕКИПА во Брест,

Томас Ѓоргиевски

Вардар повторно е владетел на регионалната ракометна сцена откако „црвено-црните“ триумфираа во големото финале против Веспрем со резултат 26-21. Со овој триумф, „вардарци“ му вратија мило за драго на унгарскиот ракометен џин за поразот во ланското финале во Вараждин, воедно прекинувајќи ја доминацијата на Веспрем во СЕХА од самото пристапување на овој клуб во регионалното натпреварување. „Црвено-црните“ покажаа и квалитет и карактер, беа подобри во текот на сите 60 минути и сосема заслужено стигнаа до титулата што дефинитивно ќе им ја крене самодовербата во пресрет на четвртфиналниот двомеч во ЛШ против Фленсбург.

Веспрем го отвори резултатот со почетно водство, но потоа Вардар беше тимот што го контролираше темпото, имајќи предност се до самиот крај на полувремето. И двата тима играа фантастично во одбраната, но „вардарци“ полесно отвораа контри и полуконтри, што им овозможи да го диктираат ритамот во првото полувреме. „Црвено-црните“ имаа предност од 6-4, згора на тоа промашија и два пенали, но Веспрем секогаш беше подготвен за камбек. Унгарците при 8-8 промашија празен гол преку Угалде, по што Вардар повторно ја презеде контролата и преку Дибиров и Марсениќ поведе со 10-8. Веспрем сепак успеа да се врати и да израмни на 11-1 пред самиот крај на полувремето, откако Наѓ погоди во празниот гол по ударот на Циндриќ што заврши во дирекот.

ALILOVIC I CINDRIC

Слично стартуваше и второто полувреме, Вардар поведуваше, но Веспрем редовно стигаше. Кога „црвено-црните“ дојдоа до 17-14 се чинеше дека конечно ќе го скршат отпорот на противникот, но Сабате зеде тајмаут, а потоа неговите избраници направија серија од 3-0 и дојде редот Раул Гонзалес да побара тајмаут. Серијата на противникот ја прекина Вуко Борозан, и тоа со гол од крило, по што следеа нови два гола на „црвено-црните“, преку Душебајев и Стоилов. Штербик имаше свое кратко шоу на голот, па Канелјас погоди на 12 минути до крајот за прво водство на Вардар од четири погодоци. Сабате зеде тајмаут при водство на Вардар од 22-17, се обиде и со Миклер на голот, но македонскиот првак е премногу искусен за да дозволи камбек во последните десетина минути, избраниците на Раул Гонзалес рутински го приведоа мечот до крајот, триумфирајќи во ова големо финале со 26-21.

borozan slavi

Канелјас и Дибиров со по пет гола беа најефикасни кај Вардар, Марсениќ постигна четири од исто толку обиди, додека Штербик на голот имаше 12 успешни интервенции.

Вардар со три титули е најтрофеен тим во историјата на СЕХА-лигата, додека за Веспрем ова многу лесно може да значи и губитничко простување, со оглед на најавите дека овој тим летово и дефинитивно ќе се откаже од натамошното учество во силното регионално натпреварување.

Advertisement

Редакцијата на Екипа се оградува од сите коментари со навредлива и заканувачка содржина што ќе ги пласираат читателите. Воедно, бара од сите свои читатели да се воздржат од навреди по национална и верска основа. Таквите коментари ќе бидат повлечени.