Вардар сака да докаже дека не е „чудо за една година“

Одличните игри во првиот дел од сезоната придонесоа Вардар повторно да биде вбројуван меѓу најсериозните кандидати за освојување на Лигата на шампионите. Традицијата вели дека на Ф4 турнирите во Келн ниту еднаш актуелниот првак не успеал да ја одбрани титулата, но „вардарци“ се уште се без пораз сезонава, играат фантастично и оправдано се дел од главните фаворити за големиот трофеј.

Впрочем, доказ за тоа е и најновата ранг-листа на ЕХФ, на која македонскиот првак се најде на второто место при рангирањето на екипите на кои им се даваат најголеми шанси за искачување на тронот на ракометна Европа.

„Сите се свесни за големите промени пред нив, сите сакаат да покажат дека Вардар не е чудо за една година. Тоа е единствениот тим што е без пораз во ЛШ сезонава и може да смета на херојот од ЕП 2018, Арпад Штербик. Овие причини се довоолни за скок на актуелните шампиони на второто место при ова рангирање“ – се вели во дел од анализата на ЕХФ за „вардарци“.

Пред „црвено-црните“ на оваа ранг-листа се наоѓа единствено актуелниот вицешампион ПСЖ, кој предводен од Карабатиќ, Омејер, Хансен, Генсхајмер и Сагосен сезонава важи за најголем фаворит за трофејот.

Зад Вардар на рангирањето на ЕХФ се наоѓа Веспрем на третата позиција, а во Топ 10 листата има место и за Фленсбург, Нант, Рајн-Некар Левен, Барселона, Кјелце, Пик Сегед и Мешков Брест, но на неа не се најде поранешниот европски првак Кил.

Само за потсетување, Вардар е првопласиран во својата група, а „црвено-црните“ претстојниот викенд ќе го продолжат настапот во ЛШ со гостување против Барселона.

Се вчитува...