17. коло од Првата лига ќе се игра од сабота до среда – фокусот во Кавадарци

Седумнаесеттото коло од Првата кошаркарска лига започнува денеска со три натпревари кои ќе бидат одиграни во Струмица, Скопје и Кавдарци. Поради обврските на АБА-лигашите МЗТ Скопје, ТФТ и Пелистер во регионалното првенство истото ќе продолжи во вторник со два меча, а ќе биде комплетирано во среда.

Во првиот натпревар кој е закажан со почеток од 17 часот силите ќе си ги одмерат Струмица и Гостивар, а од 18 часот и 45 минути во салата „Независна Македонија“ ќе се сретнат Академија ФМП и Работнички. Натпреварот на колото е закажан за почеток од 19 часот во Кавадарци каде Еуро Никел и Феникс 2010 ќе водат директна битка за 11 победа во сезоната.

Од таборите на двата тима очекуваат тежок натпревар, исто како првиот меѓусебен натпревар оваа сезона кој заврши со „сино-бело“ славје во „Кале“ по тројката на Дарко Соколов во завршните секунди.

Во вторник од 18 часот не очекува уште еден интересен натпревар во Гевгелија каде Кожув ќе го пречека ТФТ, а од 19 часот во „Перо Наков“ ќе се сретнат Куманово и МЗТ Скопје. Колото ќе биде комплетирано во Скопје со средбата помеѓу Чаир 2030 и Пелистер.

Се вчитува...