Македонија повторно, 13 октомври, еден од најзначајните денови во македонската фудбалска историја, го одбележува со уште еден квалификациски натпревар. Но, овој пат, точно на 32 години откако македонската селекција во Крањ против Словенија (1-4) го запиша својот прв репрезентативен меч, денеска во 20:45 часот на арената „Тодор Проески“ во Скопје со, можеби, најзначајниот натпревар во историјата кој треба да го одигра Македонија на домашен терен. Дуелот против Казахстан кој го остава, за нас, сонот за Светско првенство жив буквално до последното коло од едни квалификации, досега неслучено низ нашата репрезентативна историја.
Крањ и Словенија засекогаш силно ќе останат врежани во меморијата на македонската фудбалска историја преку првиот репрезентативен натпревар одигран во независна Македонија. Денеска, точно 32 години од историската средба во Крањ во која славевме со 1-4 против Словенците неизбежно се издвојуваат сеќавањата за мечот за кој едноставно нема заборав.
Потсетувајќи се на тие денови, засекогаш остануваат фотографиите на Роберт Спасовски како сведок и зад сцената на сите случувања во Крањ. Македонските репрезентативци предводени од најголемата македонска фудбалска легенда Дарко Панчев на ден пред мечот имаа и прием од амбасадорот на Р. Македонија во Словенија, Димитар Мирчев…., на кој Панчев, Најдоски, Канатлароски, Јаневски, Бабунски, Марковски, Зоран Бошковски – Чоко, Мицевски, Грозданов, Јовановски, Мемеди, Милошевски и останатите, уште тогаш беа потенцирани како вечни пишувачи на македонската фудбалска историја…
Македонија своите фудбалски почетоци дефинитивно ќе ги памети по извонредната генерација фудбалери која ја имаше на почетокот од деведесеттите години. Предводена од фудбалерот на векот, Дарко Панчев, како капитен, а во неа и имиња како Чедомир Јаневски, Драган Канатларовски, Илија Најдоски, Бобан Бабунски, Зоран Бошковски, Љупчо Марковски, Тони Мицевски, дополнети со Зоран Мицевски, Кире Грозданов, Неџмедин Мемеди, Зоран Јованоски, Ванчо Мицевски, Горан Георгиевски, Лазо Липовски, Саше Милошевски…, имиња кои засекогаш со златни букви ќе останат запишани во македонската фудбалска историја како партиципиенти на првиот репрезентативен натпревар во историјата на Македонија.
Иако останува фактот дека оваа прва генерација некако остана недокажана без позабележителен резултати и во првиот квалификациски циклус за пласман на ЕП потоа, сепак засекогаш ќе се памети дека Словенија тогаш доби четири „парчиња“. Стрелец на првиот репрезентативен гол за независна Македонија беше Зоран Бошковски – Чоко, а на асистенција на Дарко Панчев, уште во 3. минута од стрелбата. Потоа погодија од пенал и Панчев и Јаневски а четвртиот гол со убав шут од далечина го постигна Драган Канатларовски.
НАТПРЕВАРОТ КОЈ ЗАСЕКОГАШ СО ЗЛАТНИ БУКВИ ЌЕ ОСТАНЕ ЗАПИШАН ВО МАКЕДОНСКАТА ФУДБАЛСКА ИСТОРИЈА….
СЛОВЕНИЈА – МАКЕДОНИЈА 1-4
(13. октомври 1993 година, Крањ, Словенија)
Градски стадион „Станко Млакар“ во Крањ. Гледачи: 3.000. Судија: Драгутин Карло Пољак (Хрватска). Стрелци: Пате 40′ (С) – Бошковски 3′, Панчев 37′(п), Јаневски 48′(п), Канатларовски 51′ (М), Ж. картони: Глиха (С-, Георгиевски и Најдоски (М).
СЛОВЕНИЈА: Симеунович (58′ Зупан), Жидан (58′ Јерманиш), Блатник, Новак, Миланиќ, Пољшак (61′ Енгларо), Алеш Чех, Зулич (37′ Пате), Заховиќ, Удович (46′ Глиха), Флоријанчич.
Селектор: Бојан Прашникар.
МАКЕДОНИЈА: Зоран Мицевски, Кире Грозданов (63′ Неџмедин Мемеди), Зоран Јованоски, Љупчо Марковски, Драган Канатларовски, Чедомир Јаневски, Илија Најдоски, Зоран Бошковски (86′ Ванчо Мицевски), Бобан Бабунски (12′ Горан Георгиевски, 73′ Сашо Милошевски), Тони Мицевски, Дарко Панчев.
Селектор: Андон Дончевски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

















