ИНТЕРВЈУ Ненад Зивчевиќ: За странците, „старите“ играчи, „децата“, но и за платите на Македонците

Ненад Зивчевиќ има зад себе петнаесетина години успешна кариера, период во кој ги носеше дресовите на Работнички, МЗТ Скопје и на уште неколку македонски прволигаши, но и настапувајќи во земји ширум Европа, за во последните сезони со успех да ги брани боите на бројни клубови во Тунис, Мароко, Катар, Египет…

Во разговор за ЕКИПА тој се потсетува на времето кога ја почнуваше кариерата, искажувајќи жалење што многу работи се останати исти како и пред петнаесет години.

„Јас почнав да играм прволигашка кошарка уште во Црна Гора, а во Македонија пристигнав на 21-годишна возраст, кога се вратив во Работнички. Она што е најжално е што оттогаш се минати речиси 15 години, а не е сменето речиси ништо, особено кога зборуваме за услови за тренинзи и натпревари, за инфраструктура. Факт е дека мак-баскетот тоне се подлабоко и често слушаме муабети како виновни биле играчите, или пак тренерите што не создавале кошаркари. Според мене, прво и најважно е да постојат услови за кошарка, а кај нас тоа стои во место цели 15 години, дури и многу подолго. Срамота е во наша Прва лига да има две до три екипи да имаат топли сали за таа зима од која сите се плашат во мак-баскетот“, истакнува Зивчевиќ.

Како позитивен аспект во целата приказна го наведува ваучер-системот, кој обезбеди финансиска стабилност за клубовите, а со самото тоа и за кошаркарите.

„Позитивен аспект во спортот, некој напред во однос на минатото, според мене е овој ваучер систем, со кој се овозможува финансиска стабилност на клубовите Тоа е еден од подобрите закони кои се донесени во спортот, бидејќи им оди во прилог на клубовите за уште од стартот на сезоната знаат со колкави средства располагаат. Токму тоа придонесе да имаме крајно израмнета сезона во мак-кошарката, бидејќи клубовите можат да планираат како ќе ги исплатат средствата и имаат редовна исплата до играчите, па веќе нема изговори како се чекаат спонзори, а парите од спонзорите речиси никогаш не доаѓаа, како што беше случај пред десетина години“.

Странец или Македонец, тоа е вечната дилема во нашата кошарка, а Зивчевиќ има свој став на оваа тема.

„Друго нешто што ми паѓа во очи е што во тоа време кога јас ја почнував кариерата во мак-баскетот се носеа многу квалитетни странски кошаркари. Тоа беа играчи кои прават разлика на терен, кои доминираат во однос на ривалите, кои имаат кошаркарско педигре. Во тоа време имаше квалитет, нешто што сега го има се помалку и помалку бидејќи сме сведоци дека сега се почесто се потпишуваат играчи само за да пополнат место.Јас не сум против странците во мак-баскетот, само велам дека оние кои ги носите треба да бидат играчи кои веднаш ќе ви направат разлика, како Ливингстон и Ѓекиќ во Куманово, како Рикиќ во Еуро Никел, кошаркарите кои веднаш го креваат квалитетот на екипата. Знам дека не е лесно да погодите странец што ниту еднаш не сте го гледале во живо, но на крај на краишта, ќе го платам играчот што вреди толку пари и што веднаш ќе ми донесе резултат, како што тоа беше на времето случај со Видачиќ во Работнички. Ќе земам еден или двајца како него, крај нив ќе напредуваат и домашните играчи, низ бројни натпревари на кои константно ќе имаат значајна минутажа“, е идејата на поранешниот ас на МЗТ Скопје и Работнички“.

Според Зивчевиќ, поголемата минутажа на натпреварите ќе придонесе квалитетот кај домашните кошаркари да се крене на повисоко ниво.

„Ми пречи кога ќе се каже, кои македонски играчи ги имаме сега, порано сме ги имале Врбица, Мирза… точно, но ние ги имавме затоа што секој клуб имаше само по двајца странци, и тоа исклучително квалитетни играчи. И сега, крај двајца странци мора да играат многу Македонци, а со самото тоа што играат цело време, тренираат напорно и играат натпревари, тие сакале нејќеле ќе станат играчи. Ако споредам со правилото во Тунис, каде имаше двајца странци, еден на терен, јасно е дека во оваа земја си се грижат за домашната кошарка, а не за странските кошаркари. Јас имав среќа да играм триесетина минути на меч, но оној што една година ми беше резерва и играше по десетина минути, потоа две сезони се мачеше да најде нов клуб. Мислите дека тоа ги интересираше во туниската кошарка? Секако дека не, тие се грижеа само за тоа да играат што повеќе домашни кошаркари бидејќи само со одигрување на многу натпревари се станува играч. Можеби кај нас правилото не треба да биде буквално такво, мора да се покаже поголема грижа за домашните играчи во однос на странците.

Трендот на забрзано скокање на платите на домашните кошаркари продолжува и летово, но постои начин и тоа да биде избегнато…

„Гледаме дека ова е период во кој клубовите секоја година се жалат како играчите секоја наредна година бараат многу повеќе пари. Еве и да е така, тогаш нека ми објаснат зошто речиси никој од нив не потпишува играчи на подолгорочно, на три или четири години. Зошто ако во некој играч од дваесетина години препознаеме квалитет и потенцијал, да веруваме дека тој е иднината на мак-баскетот, да инвестираме во него, но и да го потпишеме на три-четири сезони со тоа што секоја наредна годна неговата плата ќе расте за 200-300 евра, играчот ќе биде задоволен од напредокот, а клубот ќе има сигурен кошаркар во ростерот. Зошто да се доведеме во ситуација какви што има многу, кошаркарот да игра одлично и екипата да бележи одлични резултати во тимот, па следното лето тој бара повеќе пари што клубот не му ги дава, а претходно можел да го врзе подолгорочно, а не го сторил ниту тоа. Мојот прв договор со Работнички беше на три години, претходно мојот прв договор со Будуќност ми беше на осум сезони, кога на дете од 14 години му даваат феноменална плата, што потоа се дуплираше секоја наредна сезона. Разбирам, сега е поголема неизвесност околу буџетот за наредните две-три години, но никој не може да ме убеди дека дури и да се смени управата, некој ќе ти замери што си потпишал квалитетен домашен кошаркар на долгорочен договор“.

Недоволната мотивација и желбата за тренинг и напредот кај помладите е сериозен проблем, што остава сериозни траги врз квалитетот на генерациите што доаѓаат.

„За жал, кај денешните деца не го гледам истиот жед за игра, за гризење на секој тренинг, за да се успее во овој спорт. Јас станував во 5 наутро, ова не е никакво преувеличување, живеев во Капиштец, ниту еден автобус не одеше до „Градски Парк“. Доручкував во 5.30 и во седум наутро имавме тренинг. Тренер ни беше „Цевка“, Бог да го прости, само еднаш се дрзнавме да го прашаме зошто толку рано, ни кажа дека после имал многу работа. Го прифативме тоа како нешто што е апсолутно нормално, секој ден после 6 наутро одев по Рузвелтова до сала и после назад до дома, во меѓувреме максимален тренинг. За жал, со чест на исклучоците, не гледам дека го има тој жар на деца кои толку би се жртвувале за да успеат. Од друга страна, знам дека има и деца кои се откажуваат што не добиваат шанса. Ќе наполнат 19-20 години откако играле во младински категории, гледаат дека македонските играчи не добиваат шанса и се откажуваат од кошарка, тргнуваат во други професии во животот“.

Поделбата на млади и стари играчи мора да престане, дециден е Зивчевиќ, особено во ситуација кога токму оние најискусните покажуваат најмногу на терените ширум Македонија.

„Ме нервира кога играчите се делат на млади и стари, особено кога оние повозрасни кошаркари се уште доминираат на терените. Дамјан беше МВП на Купот на Македонија, Соколов и Јане Петровски важни играчи во походот на Еуро Никел до финалето. Ова се квалитетни играчи мислам дека пред се поради фактот што како кошаркари од мојата генерација имаат силна работна етика, тренираат напорно секој ден, се грижат за своето тело, даваат се од себе на натпреварите. Нивото на професионализам кај сите нив е дело од тоа што нас не учеле, никој не очекува да му се даде нешто што не заслужил, туку работел напорно да стигне онаму каде што е, па и да опстои високо во моментниот квалитет на мак-баскетот на оваа возраст. Тоа не е случајно, туку е резултат на макотрпна работа низ годините. Сите овие биле и се уште се, играчи кои прават разлика, не само што играат добро, туку имаат и придонес за нивните тимови да победуваат“.

Семејната трагедија што го погоди Зивчевиќ поради смртта на неговиот татко беше причината тој да го скрати престојот во Мароко. Приоритет за следната сезона ќе му бидe останување во Македонија.

„Јас и минатата година планирав целосно да се вратам во Македонија бидејќи се чувствувам „фит“ и верувам дека можам да одиграм уште две-три сезони на високо ниво во мак-баскетот. Сепак, добив интересна понуда од Мароко со опција да настапам и на турнирот НБА-Африка, што беше примамливо и решив да заминам во тимот на Сале. Бев приморан да се вратам поради смртта на мојот татко, во еден момент дури и размислував да баталам се, да ја завршам кариерата. Тоа беше чудно чувство, кога размислив колку време не сум поминал со татко ми бидејќи сум играл седум години во Будуќност без него, еве сега шест години во арапскиот свет без него. Тоа ми беше момент – да, тој ме запознал со кошарката, но и поради таа кошарка јас не сум бил доволно со него, и бев многу лут поради тоа. Сепак, сфатив дека тоа не е начинот на кој јас сакам да ја завршам кариерата, прво затоа што јас не сум таков и второ – затоа што знам што тој би сакал од мене. Затоа, верувам дека можам да играм уште две три години, сакам да останам тука, бидејќи поучен од ова што не сум бил со него, сега сакам да бидам што повеќе време со своите најблиски“, истакнува за крај на разговор за ЕКИПА, Ненад Зивчевиќ.

Се вчитува...