Си замина 2017 година, беше релативно успешна, ја испративме со надеж дека следнава ќе биде уште поуспешна. Секако, ќе ги паметиме убавите моменти потсетувајќи се на нив и во наредниот период. Еве кои моменти ќе останат врежани во меморијата на дел од македонските спортисти.
НИКОЛА ЃОРГИЕВ
Годината што ја оставаме зад нас беше многу успешна за мене, стигнав до двојно круна во Јапонија, бев избран за МВП, направив трансфер во Полска, а со репрезентацијата повторно стигнав до финалето од Европската лига. Ако треба нешто да изберам, тоа сигурно е шампионската титула во Јапонија, остварена пред преполна сала. Тоа беше остварување на сонот на сите тие момци од мојата екипа, секако и за мене, пресреќен сум што станав дел од историјата на Торај.
ЕНИС БАРДИ
Сигурен сум дека никогаш во животот нема да ја заборавам 2017 година, најуспешната во досегашната моја кариера. Тешко ми е да издвојам само еден фудбалски момент кој остави силен впечаток на мене во годината затоа што, за среќа, ги имаше многу. Но, без сомнение, има три кои едноставно не можам да ги одделам, сите подеднакво ми се важни: Настапот со Македонија на Европското првенство во Полска, трансферот во Леванте и изборот за фудбалер на годината од ФФМ. Оваа 2017 година за мене е и голем мотив уште посилно да продолжам во иднина. Верувам дека за сите нас во фудбалот ќе следат и уште многу посветли години!
БОРКО РИСТОВСКИ
Многу убави работи ми се случија во 2017, како на професионален план, така и на приватен, ќе ми биде тешко да одвојам. Затоа ќе ги набројам повеќето работи. Најпрво на професионален план се сите оние титули освоени со Барселона, учеството на фајналфор, освојувањето на Супер Глоуб и станувањето на клупски светски шампион. Додека на приватен план сигурно е денот кога дознавме за нашата принова во семејството и станувањето на татко, но и од пред некој ден, кога станав и вујко. На сите ваши читатели им посакувам многу здравје, среќа и да се сакаме и почитуваме меѓу себе.
ДЕЈАН НЕДЕВ
2017 година ќе ја паметам по историскиот успех што го постигнавме на Светското првенство во Монтекатини, Италија, од каде се вративме со освоени вкупно 14 медали, девет златни, еден сребрен и четири бронзени медали, и по тоа што ме избраа во бордот на директори на светската карате федерација ИТКФ. Ќе ги паметам секако и двата златни медали во кати што ги освоив на Светскиот шампионат во Клуж, Романија и на Европскиот Куп во Виена, Австрија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА